Со воена свеченост во касарната „Илинден“ денеска официјално се изврши примопредавање на должноста командант на Центарот за снабдување и транспорт (ЦСТ). Должноста командант на ЦСТ од потполковник Филип Трајковски ја прими потполковник Зоран Јованов.
Пред стројот на единицата и присутните гости со свои говори се обратија: командантот на Логистичката база (ЛБ), полковник Мухарем Мухареми, досегашниот командант на единицата, потполковник Филип Трајковски и новопоставениот командант, потполковник Зоран Јованов.
Во своето обраќање, полковник Мухарем Мухареми истакна дека ЛБ, како првопретпоставена команда на ЦСТ, е особено горда што во изминатиот период под раководство на досегашниот командант, ЦСТ ги потврди своите способности при ангажирањето и извршувањето на многубројните задачи, притоа континуирано придонесувајќи за афирмација на Армијата. На досегашниот командант му оддаде признание и му се заблагодари за досегашното командување и вложениот личен придонес во развојот на единицата и постигнатите резултати, а на новопоставениот командант му честиташе за поставувањето на новата должност и му посака успешно командување и раководење со единицата.
Пред присутните припадници и гости со свој говор се обратија досегашниот командант на ЦСТ, потполковник Филип Трајковски и новопоставениот командант на ЦСТ, потполковник Зоран Јованов кој му се заблагодари на досегашниот командант за постигнатите резултати и неговото водство на единицата и потенцираше дека ќе му биде задоволство да командува со ЦСТ, единица која досега многупати се има докажано при извршувањето на своите задачи.
На свеченоста, покрај командантот на ЛБ, присуствуваа и командантите на останатите единици во ЛБ и останати гости.