Одбележување на 10-годишен јубилеј
Со пригодни свечености ширум земјава, одбележан 10-годишниот јубилеј на Армијата на Република Македонија. Централната прослава се одржа во касарната „Илинден“.
Поздравен говор одржа претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили на АРМ, Борис Трајковски, кој им оддаде признание на припадниците на Армијата за нивната бескомпромисна борба против тероризмот. На Македонија и е потребна модерна, мобилна, добро обучена и современо опремена армија. Таа им е потребна на колективните безбедносни системи, на целата меѓународна заедница и на интернационалната антитерористичка коалиција.
Со голем ентузијазам, со љубов кон своето и кон исконското, пред десет години македонската одбрана се осамостои и се формираше Армијата на Република Македонија. Бидејќи не сме дрво без корени, за ден на АРМ беше прогласен 18 август, денот кога беше формирана првата покрупна единица во НОВ, баталјонот „Мирче Ацев“. Се почна скромно, речиси без опрема, но со добро обучени старешини и со војници-регрути кои ги полнеа македонските касарни. Денес, десет години потоа, Армијата на Републиката е армија за почит. АРМ израсна во мала, но современа, професионална армија, со добро обучени старешини и војници и опремена според НАТО стандарди. Со својот квалитет, со организираноста, со обученоста и со опременоста, АРМ, всушност со една нога веќе е во НАТО.
Таа гордост, тоа чувство на растење и израснување во мала, мобилна во вистинска професионална армија, кај бранителите на независноста и на нашиот територијален интегритет, кај првите што застанаа на браникот на одбраната на татковината, провејуваше на достоинственото одбележување на Денот и на десетгодишнината на Армијата на Република Македонија ширум земјата. Централната прослава се одржа во касарната „Илинден“, а слично беше и во касарните во Битола, во Тетово, во Штип…
На свечената воена церемонија во касарната „Илинден“ во Скопје присуствуваа претседателот на РМ и врховен командант на вооружените сили, Борис Трајковски, министерот за одбрана Владо Поповски, началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Методи Стамболиски, поранешниот и прв претседател на Република Македонија, Киро Глигоров, голем број граѓани, досегашни министри за одбрана и началници на Генералштабот, како и претставници на дипломатскиот кор и на меѓународните мисии на Македонија.
По предавањето на рапортот од страна на командантот на свеченоста, бригадниот генерал Драган Андрески, на паднатите борци од НОБ и на загинатите припадници на македонско безбедносните сили во одбраната на територијалниот интегритет и суверенитет на Македонија, им беше оддадена почит со едноминутно молчење.
Обраќајќи се пред стројот на старешини и војници и пред присутните на свеченоста, претседателот и врховен командант на вооружените сили на РМ, Борис Трајковски нагласи дека во воените операции од 2001 година, Армијата на Република Македонија имаше и загуби кои никогаш не смееме и нема да ги заборавиме. „Нашата обврска е да ја доизградуваме и уште повеќе да ја зацврстуваме Армијата на Република Македонија што е долг и кон нивната жртва“, истакна Трајковски.
„Армијата како војска на сите граѓани и натаму мора да опстои во својата трајна определба постојано да придонесува за враќање на мирот и довербата меѓу граѓаните“, рече Трајковски додавајќи дека “конечно, глобалната закана од тероризмот покажа дека државите, независно од нивната моќ, не можат самостојно да се борат против него”.
„На Македонија и е потребна модерна, мобилна, добро обучена и современо опремена армија. Таа им е потребна на колективните безбедносни системи, на целата меѓународна заедница и на интернационалната антитерористичка коалиција“, оцени шефот на државата, додавајќи дека нејзината основна задача е одбраната на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата. „Тоа е рамката во која треба да се разгледуваат сите активности на оваа институција. Треба јасно и гласно да кажеме дека таа треба да биде организирана и подготвувана да одговори на нејзината функција“, посочи Трајковски. За да се соочи со предизвиците, АРМ мора да биде целосно подготвена, што подразбира доволно финансиски средства и стручно знаење. „Прашањето на знаењето и на употребата на нивото на подготвеност е од исклучително значење, потенцираше Трајковски, бидејќи Армијата на Република Македонија ќе биде дотолку подобар бранител на мирот и безбедноста, доколку биде подобро употребувано знаењето во оформувањето на нејзиниот човечки и материјален потенцијал“. Според Трајковски, потребен е образовен воен кадар кој ќе изготвува навремени проценки за новите ризици и кој ќе има најоптимален одговор на тоа. Шефот на државата и врховен командант на вооружените сили, на прашањето за прием на Република Македонија во НАТО, изрази уверување дека самитот во Прага во ноември годинава ќе биде момент од вонредно значење за безбедноста, за просперитетот и за иднината на Македонија, додека пак Армијата со бескомпромисно продолжување на започнатите реформи само ќе и помогне на политиката во одбрана на аргументите дека нашето место е во евроатланското семејство, а не надвор од него.
„Само таквиот пристап ќе овозможи остварување на основните приоритети во трансформацијата и во модернизацијата на Армијата, како и нејзиното оспособување за учество во мировните мисии во кризните подрачја во рамките на мултинационалните мировни сили“.
По говорот на претседателот Трајковски се одржа и свечено дефиле на ешалоните на гарнизоните во земјата меѓу кои беа и ешалоните на специјалните сили „Волци“, „Скорпиони“ и „Леопарди“, ешалоните од видот на Копнената војска на Република Македонија и од ешалоните на припадниците на Военото воздухопловство и Противвоздушната одбрана на АРМ, од центрите за обука во Велес и во Битола и од питомците од Воената академија.
Учесниците на прославата со големо внимание разгледаа и дел од изложеното современо оружје со кое располага македонската армија. По повод десет годишниот јубилеј, беа прочитани укази, наредби и пофалби за припадници од Министерството за одбрана и од АРМ. Меѓу другите средства на АРМ, ги издвојуваме пешадиските современи средства од командата на КоВ, тенковите „Т-72“ и „Т-55“, оклопниот транспортер „БТР М-80“, хаубиците од 155 и 122 мм, потоа системите „Град“, „Стрела 10“ и „Игла“, моторните возила со уреди за врски, како и
моторните возила за превоз на луѓе, работилницата, кујната со автоприколка и санитетско возило.
Оваа, најнова опрема на АРМ, со која ракуваат добро обучени, пред се, професионални војници, на најдобар начин говори за растењето на македонската армија, за нејзиниот пат кон зенитот, односно кон НАТО и кон колективните системи за одбрана. Верните и храбри бранители на нашиот територијален интегритет, чуварите на нашиот мир, беа и останаа први на браникот на независноста на нашата земја.
Пригодни свечености во Битола, Тетово, во Штип …
По повод Денот на Армијата на АРМ на Република Македонија и одбележувањето на 10-годишнината од нејзиното одржување, во касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово се одржа пригодна свеченост.
По тој повод, во присуство на претставници на општинската боречка организација, од македонската полиција и од месните заедници, беше извршено свесно постројување на единицата. На свеченоста, за улогата и за знаењето на Денот на АРМ, како и за нејзината 10-годишнина, зборуваше бригадниот генерал Јосиф Богоевски. За особено залагање и придонес во остварувањето на задачите на АРМ им беа доделени признанија и награди, а некои беа свечено унапредени во повисок чин.
Денот на Армијата на Република Македонија беше одбележан и во касарната “Јане Сандански” во Штип, каде говореше командантот на единицата во Штип,бригадниот генерал Милорад Стојановски. Тој истакна дека 18 Август е еден од најсветлите датуми во историјата на македонскиот народ, поради тоа што токму на денешниот ден пред 59 години, на Славеј планина е формирана првата воена формација. „По осамостојувањето на Република Македонија овој ден се слави како Денот на АРМ, која ги одбележува десетте години од нејзината самостојност, унапредувањата и следење на сите современи текови во областа на одбраната“, рече Стојановски.
Во чест на Денот на АРМ, во Алејата на народните херои, припадници на Армијата, на локалната самоуправа и на Сојузот на борците од НОВ од Штип положија цвеќиња на споменикот на првиот македонски генерал и командант на вооружените единици на Македонија за време на Втората светска војна, Михаило Апостолоски. Цвеќињата беа положени и на Споменикот на паднатите припадници на АРМ за време на минатогодишните судири.
По повод 18 Август – Денот на Армијата на Република Македонија, во кругот на касарната „Стефан Наумов-Стив“ во Битола е откриено спомен-обележје на загинатите бранители на АРМ во минатогодишните судири со албанските терористи. Беше положено цвеќе и на спомен бистата на херојот Стив Наумов, поставена во кругот на касарната, а командантот полковник Тошо Ампевски, во Домот на АРМ во Битола говореше на свечениот собир пред вработените и пред другите гости – учесници на манифестациите организирани од страна на корпусот. Како што беше истакнато по тој повод, „храброста и пожртвуваноста на бранителите ќе останат траен патоказ за тоа како треба да се брани самостојна и суверена независна Македонија“.
Говор на министерот Поповски
На браникот на независноста на земјата
„Во 1992 година, донесен е Закон за одбрана, на 15 април се формира АРМ, а на „Рамна нива“ почна чувањето на границата на Република Македонија. АРМ е еден од главните носители на функцијата за чувањето на независноста и на територијалниот интегритет на државата“, потсети министерот за одбрана Владо Поповски, по повод десетгодишниот јубилеј од развојот и Денот на Армијата на Република Македонија, 18 Август.
Навраќајќи се на почетоците на формирањето на Армијата, министерот Поповски истакна дека е стартувано со десет илјади автоматски пушки, со неколку десетици илјади пушки М-48, а помало количество оружје од кус и среден дострел, како и со голем број професионални кадри.
„Во овие десет години, нагласи тој, можеме да забележиме континуиран процес на реформа, на опремување и на оспособување на АРМ со цел делотворно да ја брани земјата“.
„Минатата година за време на воената криза АРМ застана на браникот на независноста на земјата и го интензивираше темпото на создавање на својата организација по стандардите на НАТО“, рече Поповски додавајќи оти се прават максимални напори целосно да се достигнат стандардите за членство во Алијансата.
Говор на Премиерот Георгиевски
Вистинска храброст
„Одбележувањето на 18 Август, Денот на Армијата на Република Македонија, оваа година има посебно значење, бидејќи изминаа 10 години од формирањето на нашата Армија“, се вели во честитката што по повод одбележувањето на Денот на Армијата ја испрати претседателот на Владата на Република Македонија, Љубчо Георгиевски.
„Десет години не се долг период за да се постигнат големи резултати во развојот на системот на одбраната, но според она што го постигна нашата армија, можеме да бидеме горди на вашите големи успеси.
Изминатите десет години, а особено изминатите две, безбедносните сили на Република Македонија покажаа вистинска храброст во бранењето на независноста и на територијалниот интегритет на земјата, во одржувањето на внатрешниот мир и стабилност“.