Денес, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата генерал-мајор Азим Нуредин, учествуваше на тркалезната маса на тема „Хуманитарната дипломатија како инструмент за обликување на иднината на Црвениот крст и националниот хуманитарен систем“.
Настанот беше организиран од страна на Црвениот крст на Република Северна Македонија, под покровителство на првиот заменик на претседателот на Владата, г-дин Беким Сали, а на истиот учествуваше и министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и претставници на државните институции, меѓународното хуманитарно Движење на Црвен крст и Црвена полумесечина, академската заедница и приватниот сектор.
Во своето обраќање, генерал-мајор Нуредин го поздрави организирањето на овој настан како значајна можност за размена на искуства и унапредување на меѓуинституционалната соработка во областа на хуманитарното дејствување и справувањето со кризни ситуации.
На тркалезната маса, заменик-началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, за време на отворената дискусија ги изнесе согледувањата за улогата и придонесот на Армијата во националната отпорност, особено во поддршката на цивилните институции и граѓаните при кризни, елементарни и вонредни состојби. Притоа, беше истакнато дека современата безбедност и одбраната на државата не се засноваат единствено на воената подготвеност, туку и на отпорноста на целото општество, функционалноста на институциите и координираното делување на сите национални ресурси.
Во дискусијата беше нагласена важноста од унапредување на цивилно-воената соработка, координацијата со локалните самоуправи, Црвениот крст, научната и академската заедница, како и приватниот сектор, со цел навремено и ефикасно справување со кризи. Посебен акцент беше ставен на заедничкото планирање, обуките, симулациите и развојот на капацитетите за реагирање, при што Армијата со своите логистички, транспортни, оперативни и човечки капацитети претставува значаен партнер и поддршка на цивилните институции.








