Во период од 9 до 20 ноември, во касарната „Алексо Демниевски – Бауман“ – Велес и на полигоните за обука во АП „Криволак“, се реализираше лидерски курс за помлади подофицери (Junior NCO Leadership Training), од страна на инструктори од Тимот за краткорочна обука на Вооружените сили на ОК (STTT), а денес се реализираше и завршната вежба.
На лидерскиот курс присуствуваа дел од првите подофицери од единиците на Армијата, поставени на почетни командирски должности. Целта на курсот беше иницирање на способност за развивање на лидерски вештини за командување и раководење. Учесниците имаа можност да се запознаат со примена на сите форми на основна и напредна обука на одделение и вод, како и демонстрација и примена на лидерство и употреба на процедурите на трупно водење. Инструкторите споделија знаење и вештини на современата практика во војувањето. Оваа обука вклучува кабинетска настава и практична обука на терен. Таа е насочена кон применето лидерство, одговорно командување и носење на одлуки во сложени временски и теренски услови.
На завршната свеченост се доделија сертификатите на сите учесници на курсот, при што се истакна дека оваа активност претставува доказ за цврстата и јасна посветеност на Армијата во зајакнувањето на интероперативноста помеѓу сојузниците и партнерите, која бара исклучителна посветеност, обука, континуитет и доверба.
Претставниците на Тимот за краткорочна обука на Вооружените сили на ОК (STTT), во своето обраќање се заблагодариja и искажаa задоволство од реализираната соработка и ангажираност на Командата за обука и доктрини.








