Во Центарот за индивидуална обука (ЦИО), при Командата за обука и доктрини (КОД) во период од 5 октомври до 24 ноември се реализираше Примарниот курс за лидери. По повод завршувањето на курсот, денес се одржа пригодна завршна свеченост, на која свое обраќање имаа заменик-командантот на КОД, полковник Дарко Стојкоски и командантот на ЦИО, мајор Џунат Веџиоски, кои им честитаа и им доделија сертификати за успешно завршениот курс на слушателите, истакнувајќи ја нивната посветеност за време на обуката.
Во текот на обуката слушателите имаа можност да се запознаат со основните методички знаења и развивањето на лидерските способности, како и проширување на основните и военостручните знаења во развивањето на индивидуалните способности за водење на тим и одделение со почитување на стандардните процедури, кои се од суштинско значење за успешно извршување на мисијата. Слушателите, исто така, се запознаа и со процесот на обуката и лидерството, како основен елемент на борбената моќ на Армијата.








