Денес, 25 ноември, во спортско-рекреативниот центар „Хиподром“, во организација на Советот за воени спортови, се одржа традиционалното 18. Армиско првенство во крос-кантри трчање.
На отворањето на оваа спортска манифестација, на кое присуствуваше и градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, пред присутните се обрати претседателот на Советот за воени спортови, потполковник Зоран Цветковски. „Овој препознатлив спортски настан ги обединува дисциплината и тимскиот дух, а спортот останува наш секојдневен влог во високата борбена готовност на армиските припадници“, порача потполковник Цветковски. Тој потсети дека Армијата, како рамноправна членка на Меѓународниот совет за воени спортови (CISM), редовно учествува на меѓународни натпревари каде што нејзините припадници постигнуваат врвни резултати, исполнуваат репрезентативни норми и се искачуваат на победничките подиуми. Како и претходните години, првенството беше од отворен карактер, при што покрај припадниците на Армијата, своите сили на патеката ги одмерија и врвни атлетичари од националните атлетски клубови, како и бројни љубители на трчањето.
На годинешново 18. Армиско првенство во крос-кантри трчање, во женска конкуренција на патеката во должина од 4800 метри, првото место го освои главен наредник Марија Пеликон, второто место ѝ припадна на десетар Силвана Вељуслиев, додека третото место го освои водник Марија Димеска. Во машка конкуренција, на патеката од 8000 метри, најдобар беше професионалниот војник Милош Ранчиќ, на второто место се пласираше мајор Жан Тосев, а третото место го зазеде професионалниот војник Трајче Илијевски. Во екипна конкуренција кај жените, најдобри беа припадничките на 2. пешадиски баталјон, второпласирана беше екипата на Извидувачко-разузнавачкиот баталјон, а третото место го освои Баталјонот на воена полиција. Екипно во машка конкуренција, припадниците на Баталјонот за почести го освоија првото место, второто место ѝ припадна на екипата на 1. пешадиски баталјон, додека на третото место се пласираше тимот на Логистичката база. Атлетиката останува еден од најзначајните спортови во Армијата, а ваквите традиционални натпревари, кои веќе шеста година по ред се реализираат во одличните услови на СРЦ „Хиподром“, се потврда за високата физичка подготвеност и спортскиот дух на армиските припадници.








