Во период од 11 до 27 јуни, припадници на Баталјонот на Воена полиција (бВП) учествуваа на меѓународната вежба „Platinum Wolf 25“ во Република Србија.
Покрај припадниците на бВП, на меѓународната вежба учествуваа и припадници од Србија, Босна и Херцеговина, Романија, САД, Обединетото Кралство, Италија, Црна Гора, Грција, Унгарија и Азербејџан. Вежбата имаше за цел да ја унапреди синхронизацијата и координацијата на способностите за изведување на воени операции помеѓу армиите од земјите учеснички на вежбата.
Како и досега, припадниците на бВП со своето професионално и одговорно однесување придонесуваат за одлична можност за афирмација и подобрување на угледот на единицата, како и на Армијата во целост, на меѓународно ниво.
За време на вежбата, припадниците на бВП, заедно со другите учесници реализираа обука на повеќе теми и тоа: процедури, тактики и техники во мировните операции, несмртоносно оружје, како и операции за поддршка на мирот. На вежбата беше демонстрирано високото достигнато ниво на интероперабилност и способност за интеграција во меѓународните сили при извршување на операции со висок интензитет.
Со учеството на припадниците на бВП на вакви мултинационални тактички вежби се овозможува подобро разработување на процедурите, тактиките и техниките во организирањето и изведувањето на воени операции, согласно НАТО стандардите.