Денес, 21 мај (среда) во Генералштабот на Армијата се одржа брифинг за претставниците на медиумите по повод отпочнувањето на активностите за мултинационалната вежба „Immediate Response 25“ (IR-25), која ќе се изведува на армискиот полигон „Криволак“ во периодот од 26 до 09.06.2025 година. На истата ќе учествуваат армии на седум НАТО земји (Република Северна Македонија, Соединетите Американски Држави, Албанија, Грција Италија, Црна Гора, Обединетото Кралство) и две партнерски земји (Австрија и Косово).
Вежбата „Immediate Response 25“ е дел од серијата вежби „DEFENDER 25”, организирана од Европската команда на САД/Командата на Копнени сили на САД за Европа и Африка (USEUCOM/USAREUR-AF) и Армијата на Република Северна Македонија. Оваа вежба ќе се изведува во осум земји во регионот и тоа: Албанија, Бугарија, Хрватска, Грција, Косово, Црна Гора, Словачка и Република Северна Македонија.
На брифингот присуствуваа: началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции (КО) бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, ко-директорот на вежбата потполковник Ристо Стоев, портпаролот на ГШ на Армијата и дел од клучниот персонал од ГШ на Армијата и КО, кој е вклучен во процесот на планирање и подготовка на вежбата.
Началникот на Генералштабот ја потенцираше важноста на оваа вежба за нас и USEUCOM/USAREUR-AF, истакнувајќи дека оваа вежба претставува можност за презентација на различен тип вооружување и опрема. На истата околу 2200 учесници ќе имаат можност да разменат искуства во процесот на планирање, користење на различни тактики, техники и процедури согласно НАТО стандардите, да го согледаат нивото на интероперабилност и синхронизација на одредени постапки при планинското војување и останати теренски активности. Дополнително, учесниците ќе се запознаат и со иновативни постапки со опремата и техниката која за првпат ќе се користи на АП „Криволак“.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски наведе дека на оваа вежба покрај презентацијата на капацитетите на АП „Криволак“, ќе биде демонстриран и високиот степен на борбена подготвеност на учесниците.
Пред претставниците на медиумите, од страна на потполковникот Стоев, беа презентирани најважните информации за видот, целите, активностите и учесниците на вежбата, како и можностите за медиумско презентирање на активностите во текот на изведувањето на истата.
IR-25 е мултинационална вежба со изведување на копнени борбени дејства и бојни гаѓања, преку кои се подобруваат подготвеноста, интероперабилноста и способностите за одвраќање помеѓу НАТО сојузниците и партнерите.