Основи на националната одбранбена политика и доктрина
Националната одбранбена политика и доктрина се одредени и се базираат врз основните цели на безбедносната политика на Република Северна Македонија:
- Да ги заштитува животот и личната сигурност на граѓаните;
- Да ја гарантира независноста и територијалниот интегритет на државата, политичките слободи, граѓанските и човековите права, вклучувајќи ги и правата на религиозните, етничките и другите малцинства;
- Да ја гарантира материјалната благосостојба и просперитетот на граѓаните.
За постигнување на овие цели, нашата безбедносна политика, се придржува кон следните стратешки определби:
- Политичка и економска интеграција во ЕУ;
- Политичка, односно воена интеграција во системите за колективна безбедност и одбрана – ОН, НАТО, ОБСЕ, ЗЕУ;
- Развивање на повеќепартиски систем и демократски институции;
- Развивање на пазарна економија;
- Одржување еднакви добрососедски односи со сите наши соседи;
- Организирање на сопствен одбранбен систем.
Поаѓајќи од определбите и целите на безбедносната политика, одбранбената политика се базира врз следниве принципи:
- Организирање на одбраната како систем кој овозможува реализирање на правото и обврската на секој граѓанин да ја брани земјата, гарантирано со Уставот;
- Организирање на одбраната за извршување на нашето право на индивидуална и колективна самоодбрана преку вооружена борба во случај на вооружен напад, гарантирано со членот 51 од Повелбата на ОН;
- Обезбедување на одбранбениот карактер на одбранбениот систем;
- организирање на вооружените сили како одвраќач на агресија и други надворешни закани врз безбедноста на земјата, способни за вооружен отпор во случај на агресија;
- Организирање на одбраната за целосна заштита на суверенитетот на нашиот воздушен простор и за превенција од негова употреба за агресија врз трети земји;
- Еднообразност во употребата на вооружените сили.
- Политичката одбранбена стратегија е заснована врз:
- Одвраќање од агресија;
- Одбрана на земјата во случај на агресија;
- Еднообразност и усогласеност во меѓународната соработка на полето на одбраната.
Во согласност со нашите можности и со меѓународните договори, државата одржува одбранбен потенцијал и борбена подготвеност на нејзините вооружени сили, што дејствува како одвраќач од потенцијална агресија.
Во согласност со член 123 од Уставот на Република Северна Македонија, никој во државата нема право да објави капитулација. Затоа, одбранбениот систем на државата, во основа, поаѓа од определбата за отпор, со употреба на вооружена сила против секоја евентуална агресија и за водење одбранбена војна за целата територија. За оваа цел, одбранбениот систем има задача да обезбедува услови за функционирање на сите државни органи и институции и вклученост во колективните системи на одбрана и безбедност како заштита на независноста и сувереноста на земјата.
Републиката може да ги постигне сите гаранции за нејзината безбедност преку колективните системи за безбедност и одбрана. Затоа, таа го подржува зајакнувањето на овие колективни системи и се определува за активно учество во истите и за соработка во создавањето на новата европска безбедносна архитектура заснована врз НАТО, ОБСЕ и ЗЕУ.
За извршување на овие принципи и исполнување на овие стратешки цели, одбранбениот систем е заокружен со мирновремената и воената организација, со суштински цели за развојот, подготовките и употребата на вооружените сили, како и со целосната цивилна контрола и управување со нив. Оттука, одбранбениот систем го заокружува целиот одбранбен потенцијал на земјата: граѓаните, државните власти, вооружените сили, силите на цивилната заштита, телата на локалната самоуправа, јавните институции и услуги и претпријатијата од посебно значење за одбраната.
Подготовките за успешна одбрана се остваруваат во мирновремени услови. Тие опфаќаат подготовки на државните власти; подготовки и обука на вооружените сили и распоредување на територијата на Република Северна Македонија; подготовки на јавните институции и на локалната самоуправа; подготовки на цивилното население; и учество на заедничките вежби и други форми на соработка со земјите членки на Партнерството за мир и Алијансата.
Национално командно уредување
Управното уредување и процедурите во областа на одбраната се дефинирани со Уставот, Законот за одбрана и со задачите на законодавната и извршната власт.
Командувањето во вооружените сили е засновано врз единството во командувањето при употребата на силите и средствата, едностарешинството и обврската за извршување на одлуките и наредбите на претпоставениот.
Претседателот е Врховен командант на вооружените сили.
Претседателот ги донесува одбранбениот план и стратегија, одлуките за спроведување на готовноста, ја одобрува организациско-формациската структура на армијата, донесува документи за развој, одлуки за нејзина мобилизација и друго.
Претседателот исто така претседава и со Советот за безбедност. Советот за безбедност ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната и дава предлози на Собранието и на Владата.
Собранието ги надгледува компетенциите на Владата сврзани со одбраната, донесува одлуки за постоење на непосредна закана од војна, прогласува настанување на воена состојба и мир и го донесува воениот буџет.
Слични одговорности има и собраниската комисија за одбрана и безбедност.
Владата ги има надлежностите во врска со донесувањето на предлогот на одбранбениот план, предлогот на буџетот за одбрана и друго.
Министерството за одбрана ја подготвува одбранбената стратегија, ја изработува проценката на можните ризици и закани, одговорно е за одбранбениот систем, обуката и готовноста на вооружените сили, опременоста и развојот, го предлага буџетот за одбрана и друго.