Со критиката дека турнејата на канцеларот Олаф Шолц на Балканот во јуни не донела речиси ништо суштинско, германскиот весник „Шпигел“ ја издвои изведбата на химната на СР Германија во Скопје како највпечатлив дел од целата тура.
Германската не е единствената химна што припадниците на Воениот оркестар речиси постојано ја вежбаат. За да не изгубат на континуитет, националните химни често им се на дневниот репертоар за вежбање. Никогаш не се знае кога ќе им стигне најава дека странска делегација треба да ја посети Северна Македонија.
Оркестарот, кој според реномираниот весник направи германската химна да звучи моќно, работи во трошна барака во касарната „Гоце Делчев“ во Скопје.
Војниците од воениот оркестар триесетина години се на првата линија на „фронтот“ при посети на странски државници, но и на прославите за македонските државни празници. Признанието од „Шпигел“, за потполковникот и диригент на воениот оркестар Горан Илијевски е чест и вреднување на нивниот труд.
„Ние со огромно задоволство го примивме тој напис, го прочитавме и сепак ни е една валоризација на нашиот труд и како припадници на воениот оркестар сме почестени со таква објава. Инаку, да кажам дека прв пат тоа се случува во историјата и постоењето на воениот оркестар, да има таква објава во странски весник“, вели диригентот на Воен оркестар, Горан Илијевски.
Германската не е единствената химна што припадниците на воениот оркестар речиси постојано ја вежбаат. За да не изгубат на континуитет, националните химни често им се на дневниот репертоар за вежбање. Никогаш не се знае кога ќе им стигне најава дека странска делегација треба да ја посети Северна Македонија.
„Мора да го одржиме нивото и, едноставно, нотите дадени од државата што пристигнува мора да ги донесеме до најдобар можен степен. Значи, се трудиме да го вложиме сето наше знаење и да го постигнеме максимумот од тие ноти кои ни се поделени и донесени“, изјави Илијевски.
Претходно поделените и донесени ноти, сепак, не се единствените по кои свири оркестарот.
Покрај националните химни и воени маршеви, припадниците на воениот оркестар неретко знаат да отсвират и нешто од традиционалната фолк музика но и од популарните поп-песни.
Во армискиот оркестар членуваат 47 мажи и само две жени. Мајор Анета Куртелова 12 години гордо ја носи армиската униформа и „титулата“ прва флејтистка на воениот оркестар.
„Нашата работа е сврзана со протоколи, но имаме и дел каде што можеме да се изразиме подобро уметнички, баш музички. Тоа се концертите каде свириме различен тип на програми. Мене лично, ми е најдобро кога свириме концерт со филмска музика со такви работи, позабавни бидејќи протокол е химни и маршеви а тоа е секојдневие, а кога имаме концерти кога треба да свириме нешто што не е стандардно мене ми е најсупер“, вели мајор Анета Куртелова.
Иако музиката им е првенствена задача, припадниците на оркестарот се и војници. Подлежат на истите психо-физички тестови и вежби со оружје како и останатиот дел од армијата. Можат да се стекнат и со офицерски и подофицерски чинови, во зависност од степенот на нивната едукација.
„Имаме неделни планови и програми и стриктно се придржуваме до нив. Имаме три до четири часа музички програм, имаме физички проверки и според планот и програмата во одреден период од годината имаме обука за гаѓање, неколку пати во годината. Комплетно со сите наши колеги од Армијата ги имаме истите обврски и ние ги практикуваме“, изјави потполковникот и началник на Воен оркестар, Николчо Коцев.
На репертоарот на армискиот оркестар има една главна нумера за која секогаш треба да се подготвени – химната на Република Северна Македонија.
Повторно и повторно, македонската химна мора да биде доведена до перфекција зашто и најчесто ја изведуваат. Како, на пример, во петокот при посетата на италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Извор: 360 СТЕПЕНИ