Началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5) со лидерите на командата на силите на САД во Европа денес во Скопје ја започнаа дваесет и шестата конференција на иницијативата А5, која оваа година се одржува на тема поврзана со предизвиците и можностите во современото безбедносно опкружување.
Во својот поздравен говор домаќинот на конференцијата, началникот на генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник, Васко Ѓурчиновски истакнувајќи ја важноста на иницијативата кажа:
“Иницијативата А5 се препознава како еден од најуспешните и најефикасните регионални настани за справување со заедничките безбедносни и одбранбени предизвици. Заедно, развивме механизам за поддршка на взаемните безбедносни и одбранбени цели. Заедно развивме механизам за подршка на нашите членки и партнерски земји во нивните амбиции и напори за интеграција. Со нашите партнери од US EUCOM, ние постојано ги идентификуваме современите безбедносни предизвици и работиме на заеднички пристапи и соодветни одговори.” – кажа Ѓурчиновски.
Командантот на врховната сојузничка команда на НАТО за Европа и на командата на силите на САД во Европа, генерал, Кристофер Каволи, поздравувајќи ги присутните и значењето на иницијативата истакна: „Бесмислената и незаконска инвазија на Украина од страна на Русија не потсети на вредноста и важноста на колективната одбрана и колективниот територијален интегритет. Сите земји кои се застапени во иницијативата имаа значителни програми за воена соработка и учествуваат како партнери и сојузници во модернизацијата на НАТО во концептот на колективна одбрана. Инвазијата не потсетува дека е потребно да работиме на безбедноста секој ден и случувањата кои се случуваат во овој регион ни покажува дека сите мора да придонесуваме на стабилноста секојдневно“.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање, истакна дека на 20 – годишнината од воспоставувањето на оваа иницијатива, можеме да кажеме дека таа донесе видливи резултати:
„Резултатите од дејствувањето и соработката на оваа иницијатива се повеќе од видливи и нашироко препознаени. Четири од постојните пет нејзини членки се полноправни членки на НАТО алијансата, но и заеднички придонесувавме во поддршка на меѓународниот мир и во меѓународните операции првично како А3, а денес како А5. Нашиот заеднички придонес во мисијата ИСАФ и Одлучна поддршка беа широко препознаени и високо вреднувани од нашите сојузници“, рече министерката.
Петровска се заблагодари за континуираната американска поддршка, која, потенцираше, беше најсилен мотиватор за реализација на евроатлантските агенди на членките на Повелбата. Дополнително, министерката се осврна и на Концептот за ревитализација чија имплементација започна под претседателство на Северна Македонија, а преку кој се интензивираше меѓусебната соработка и се развија нови идеи и проекти.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски кој имаше свое обраќање на учесниците за време на конференцијата истакна дека од формирањeто до денес, Јадранската повелба во голем степен ја има исполнето иницијалната цел за која беше основана, а тоа е промовирање и имплементација на „политиката на отворена врата“ на НАТО, за што е доказ и тоа што, практично, четири од петте земји членки на иницијативата се веќе членки и на алијансата. Стабилноста и просперитетот на регионот се еден од врвните надворешно – политички приоритети на Северна Македонија. Со таквите определби за мир и безбедност, дијалог, споделена одговорност и активен ангажман, го презедовме претседавањето со САД-Јадранската повелба оваа година. Преку нашиот проактивен пристап и иницијатива за зајакнување на политичката димензија и релевантност на Јадранската повелба, уште еднаш ја докажуваме нашата улога и придонес за стабилизација и просперитет на регионот.
На конференцијата, покрај презентирањето на активностите во досегашниот период на работната група и предлог на програмата за идни активности, согласно темата ќе претстават актуелните безбедносни предизвици и закани во информациското опкружување, кое се повеќе се користи за агресивни цели кон сите демократски општества, особено по отпочнување на агресијата на Русија над Украина.
За време на конференцијата НГШ на армиите од А5 ќе имаат дискусија по што попладне ќе потпишат заедничка изјава со која ќе се потврди заложбата за натамошно зајакнување на односите и проширување и продлабочување на воената соработка во сите области, со цел поддржување и зајакнување регионалната безбедност.
Армијата на Република Северна Македонија изведува активности како полноправна членка на Алијансата и многукратно ја има потврдено посветеноста на основачките принципи на САД – Јадранската повелба потпишана во Тирана, во мај 2003 година, а тоа е просперитет и евро-атлантско интегрирање на земјите од регионот.
Покрај началникот на генералштабот на армијата на Република Северна Македонија, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски како домаќин, на конференцијата учествуваат и командантот на командата на Армијата на САД за Европа, генерал, Кристофер Каволи, НГШ на вооружените сили (ВС) на Албанија бригаден генерал Кинџи Арбен, НГШ на ВС на Босна и Херцеговина генерал-потполковник Сенат Машович, Директорот на ГШ на ВС на Хрватска Адмирал Роберт Храњ, НГШ на војската на Црна Гора, бригаден генерал Лазаревич Зоран, како и генерал-потполковник, Стефен Келси од Здружената команда на НАТО од Неапол и генерал-мајор Ласика Даниел од командата на САД за Европа.
Како набљудувачи на конференцијата присуствуваа и воени претставници од ГШ на ВС на Словенија и Косовските безбедносни сили, а во улога на гости командантите на националните гарди од сојузните држави на САД, кои се партнери на земјите од А5 и тоа: Вермонт, Минесота, Ајова, Мериленд, Охајо, Колорадо, Њу Џерси и Мејн.
Договорот за формирање на САД-Јадранската повелба, официјално е потпишан во 2003 година, со која САД како покровител, ги вклучува Северна Македонија, Албанија и Хрватска се обврзаа низ институционална рамка да ја развиваат регионалната соработка во областа на одбраната. Во 2008 година, на оваа иницијатива се приклучија Босна и Херцеговина и Црна Гора, а Србија, Косово и Словенија имаат статус на земји набљудувачи во групата.
Средбите во формат на началници на генералштабови на армиите се одржуваат еднаш годишно, на кои се разгледуваат прашања од областа на военото образование, воено-техничката соработка, операциите за поддршка на мирот и други актуелни теми од областа на одбраната и безбедноста.
Претходно Република Северна Македонија беше домаќин на дваесет и првата конференција на началниците на генералштабови (НГШ) на армиите од земјите членки на САД-Јадранската повелба (А-5).