Kомандантот на НАТО Комбинираниот центар за воздухопловни операции Торехон во Шпанија / (NATO CAOC Torrejon), генерал-потполковник Хуан Пабло Санчез Де Лара денес оствари посета на Армијата на Република Северна Македонија и Министерството за oдбрана.
За време на престојот во Генералштабот, генерал-потполковник Хуан Пабло Санчез Де Лара оствари средба со заменик – начлникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин на која се разговараше за досегашната соработка и можностите за дополнителен развој во рамки на воздухопловните структури на НАТО. На средбата беше истакната и важноста за учеството на Армијата со штабен офицер во НАТО Комбинираниот центар за воздухопловни операции Торехон како придонес во јакнење на колективната безбедност на НАТО.
Во рамки на денешната посета генералот Хуан Пабло Санчез Де Лара оствари средба и со министерот за одбрана Владо Мисајловски.
Мисијата за воздухопловно патролирање на нашето небо ја раководи Сојузничката воздухопловна команда на НАТО, а тактичката контрола на мисијата е под раководство на Комбинираниот центар за воздухопловни операции во возухопловната база Торехон, во Шпанија. Комбинираниот центар за воздушни операции Торехон е одговорен за некои од специјалните аранжмани на НАТО за воздушно патролирање, како што е патролирањето над Албанија, Црна Гора, Северна Македонија и Словенија.