Како дел од годишниот календар за активности на Генералштабот и Упатството за раководење со обуката во Армијата, во Домот на Армијата во Скопје, се одржа годишна конференција за обука.
На почетокот на конференцијата, во воведното обраќање директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, истакна дека планирањето на годишните активности за обука и вежби е од големо значење за извршување на мисијата и задачите на командите и единиците на Армијата но и за искажување на потребите за успешна реализација на обуката.
Конференцијата ја отвори и ја водеше началникот на секцијата за обука и вежби во Генералштабот, полковник Владимир Стојановски, кој го нагласи значењето на координирањето на вежбовните активности на Армијата и целите во обуката кои треба да се достигнат за наредната година.
Во рамки на конференцијата се разгледаа и координираа Плановите за обука и вежби за следната 2023 година, меѓуармиските активности како и оперативните побарувања за потребни артефиции за поддршка на обуката и потребни финансиски средства за планираните активности за обука и вежби во Армијата.
На конференцијата присуствуваа претставници од организациските единици на Генералштабот, началниците на секциите одговорни за обука и вежби (Ј/Г/А/С-7) од потчинетите команди и единици, и главниот подофицер на Армијата.
На конференцијата, за време на соопштување на заклучоците присуствуваше началникот на Генералштабот на Армијата, генерал потполковник Васко Ѓурчиновски.