Денес, на воениот полигон за обука „Берген“ во Долна Саксонија, Сојузна Република Германија, делегација на Армијата предводена од директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, присуствуваше на Денот на високи гости на вежбата „Steadfast Dart 26“.
Во рамките на активноста, беше изведена демонстрација на борбени дејствија на Сојузничките сили за реакција (Allied Reaction Force (ARF) во сложено и динамично оперативно опкружување. Преку успешната реализација на оваа вежба се потврди дека сојузничките сили го поддржуваат новиот одбранбен план на НАТО кој се фокусира на зајакнување на способностите за брза и ефикасна заштита на територијата на Алијансата и се демонстрира единството, интероперабилноста и кохезијата помеѓу сојузниците.
Делегацијата од Армијата го посети и тактичко-техничкиот збор организирана во рамки на вежбата. Дополнително беше посетена и зоната на иновации, каде претставници од воената индустрија презентираа современи технолошки пронајдоци и напредна воена опрема кои имаат потенцијална примена во вооружените сили.
Вежбата „Steadfast Dart 26“ е најголемата вежба на НАТО за 2026 година. Во рамките на оваа вежба се изведе првото големо распоредување на Сојузничките сили за реакција во зона на одговорност на Командата на здружените сили во Брунсум (Joint Force Command Brunssum – JFC Brunssum) и се демонстрира способноста на НАТО брзо да распореди и интегрира сили за зајакнување на сојузничките капацитетите лоцирани во централна Европа.
Во врска со оваа вежба, командантот на JFC Brunssum, генерал Инго Герхарц (Ingco Gerharz) истакна дека оваа вежба е потврда дека Алијансата може да дејствува брзо, да биде обединета и решително да одговори под водство на Командата на здружените сили во Брунсум кога е најпотребно.








