Во соработка помеѓу Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија и Канцеларијата за соработка во одбраната при Амбасадата на САД во Скопје, во Домот на Армијата во период од 15 до 19 ноември 2021 година се реализираше семинар од областа на цивилно-воената соработка (ЦВС).
Учесници на семинарот беа припадници од Генералштабот, потчинетите команди и единици на Армијата, додека предавачите на семинарот беа стручни лица од областа на ЦВС од Командата на Армијата на САД за Европа и Африка.
Во текот на одржувањето на семинарот, тимовите за ЦВС ги посетија градоначалниците на Штип, Свети Николе, Неготино и директорот на Општата болница во Неготино, каде ги разгледаа можностите за идните проекти во рамките на практичниот дел од обуката, кој е составен дел од претстојната меѓународна вежба „SWIFT RESPONSE 22“.
За време на одржување на семинарот беа разработени повеќе теми од оваа област во операциите на НАТО, меѓу кои компаративно се разгледаа и начинот на спроведување на активностите во двете Армии и ЦВС стратегија на лидерско ангажирање, како и практични вежби за преговарање.
Овој семинар претставува дел од активностите организирани од страна на Командата на Армијата на САД за Европа и Африка, кој е фокусиран на сегментот на ЦВС со цел зајакнување на стручноста на армиските припадници во оваа област, како и начинот на изведување на ваквите активности во мултинационални средини за поддршка на мировни операции и меѓународни вежби.
На крајот на активноста на учесниците им беа доделени сертификати за успешно завршениот семинар.