Денес, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски оствари средба со претставници на здружението „Клуб на генерали“. На средбата беа презентирани целите и активностите на здружението, кое неодамна беше организатор на научно-стручна трибина на тема „Функционалност на одбранбено-заштитниот систем“.
На денешната средба во Генералштабот беше изразена заемна подготвеност за продолжување на воспоставената соработка во доменот на одбраната и безбедноста.
Здружението „Клуб на генерали“, чиј фокус е следење на актуелните прашања од областа на одбраната и безбедноста, е формирано во 2012 година и во него членуваат активни и пензионирани генерали. Клубот на генерали, преку делувањето на своите членови со долгогодишно искуство во оваа област, дава значаен придонес за функционирањето на системот на одбраната и безбедноста.