Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, денес, на покана од командантот на JFCNP, адмирал Стујарт Минч, присуствуваше на свечената церемонија по повод примопредавањето на должноста командант на мисијата „КФОР“.
Свеченоста се одржа во кампот „Film City“ во Приштина, каде досегашниот командант, генерал-мајор Енрико Бардуани, ја предаде должноста на генерал-мајор Озкан Улташ. Новоназначениот генерал Улташ доаѓа од позицијата генерален директор на Директоратот за технички услуги при турското Министерство за национална одбрана и е првиот командант кој по втор пат ја извршува оваа функција во НАТО мисијата „КФОР“.
Во рамки на посетата, генералот Лафчиски оствари средба со командантот на Регионалната команда – Запад (RC-W), полковник Лоренцо Манџиа, како и со припадниците на македонскиот контингент распоредени во оваа команда. За време на средабата со полковникот Манџиа беше истакната високата професионалност, посветеност и придонес на припадниците на Армијата во извршувањето на задачите, како и одличната соработка меѓу Армијата на Република Северна Македонија и КФОР.
На средба со македонските мировници распоредени во RC-W, генералот Лафчиски се запозна со предизвиците со кои се среќаваат за време на извршување на нивните должности, а истовремено ги истакна нивната посветеност, професионалност и дисциплинa.
Армијата на Република Северна Македонија е дел од мисијата „КФОР“ од ноември 2020 година. Во моментов, контингентот брои два вода распоредени во Регионалната команда – Запад и штабни старешини во командата на мисијата во Приштина.