Денес, 20 декември 2025 година во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, во организација на здружението “Херои на Македонија 2001–2015 година” и Министерството за одбрана, се реализираше 25. меморијален турнир во мал фудбал во чест на загинатите бранители од 2001 и 2015 година, припадници на македонските безбедносни сили.
Турнирот го отвори министерот за одбрана, Владо Мисајловски, кој во присуство на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и претседателот на здружението Владо Стојановски, пред присутните ја нагласи жртвата која ја дадоа бранителите за Македонија, кои во клучни моменти за државата не прашуваа колку е тешко, туку колку е потребно и додаде дека споменот кон бранителите нема да биде заборавен, а нивната жртва за татковината секогаш ќе се негува.
Претседателот на здружението “Херои на Македонија 2001-2015”, Владо Стојановски во своето обраќање ја потврди несебичната жртва која ја дадоа овие херои, но и дека вечно ќе живеат во колективната свест на македонците.
Пред присутните се обрати и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, посочувајќи дека нивното дело живее и ќе живее како завет и пример во професионалното и етичко постапување на секој припадник на безбедносните институции.
На меморијалниот турнир учествуваа 16 екипи од припадници на Армијата, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи кои со своето присуство и спортски ангажман испратија јасна порака дека македонските бранители кои ги положија своите животи во одбрана на татковината никогаш нема да бидат заборавени.








