Гласот на Америка доби ексклузивна можност да помине еден ден со македонските и со американските инженериски баталјони на воениот полигон „Криволак“. Тимовите од двете сојузнички армии изминатите два месеца го модификуваа теренот за НАТО вежбата „Одлучен удар 21“.
Ридско-планинско рели од речиси 60 километри, со попатни застанувања и разминувања со армиски машини што пробиваат патишта на непристапен терен. Така отприлика изгледаше нашата посета на воениот полигон „Криволак“.
Домаќини ни беа воените инженерци, кои интензивно го средуваа теренот за претстојната меѓународна вежба, „Одлучен удар 21“.
Криволак е еден од најголемите воени полигони во Југоисточна Европа. Со своите ридови, шуми и рамници е погоден за симулации на речиси секој тип војување.
На прв поглед изгледа сосема обично. Но, кога ќе се доближите, сфаќате дека не е место за безгрижна прошетка.
Речиси од подземја, се издигнуваат нови механизирани мети, шини за подвижни цели, места за набљудување, магацини. Сето тоа поврзано со околу 100 километри нови и обновени патишта.
Заслужни за модификациите и новитетите на теренот се припадниците на Инженерискиот баталјон од Армијата на Северна Македонија. Ним пред два месеца им се придружи и 15. инженериски баталјон од вооружените сили на САД. Работеа заедно и велат дека многу научиле едни од други.
„Покрај искуството што го разменивме за време на заедничката обука исто така разменивме и нови погледи во однос на механизацијата, во однос на мобилноста и во однос на изградба на инфраструктурните проекти што ги реализиравме во изминатиот период“, истакна поручникот Јордановски.
Со слично искуство и претставникот на американскиот инженериски баталјон.
„Една од работите што ја увидовме кај македонската армија е дека нивните оператори се исклучително вешти. Тие поминуваат по 15-20 години со опремата и имаат многу повеќе искуство. Воодушевува знаењето што го имаат“, истакна капетан Ли Медерс.
Едно од главните достигнувања е пробивањето на 62-километарска обиколница низ Криволак. Тоа се случува првпат во речиси петдецениското постоење на полигонот.
„Моментално сме стигнати до последната, односно завршната фаза, каде што, можевте да забележите, веќе почнуваме со тампонирање, односно привршување и стабилизацијата на земјиштето и материјалот којшто го поставуваме“, додава поручник Јордановски.
Резултат од двомесечните заеднички активности се и нова полетно-слетна патека за беспилотни летала, како и магацин за чување на метите.
„Поминавме два одлични месеци овде. Не сме имале претходно можност за ваков проект. Одлично беше, научивме доста. Не очекував дека ќе завршиме толку многу задачи“, рече капетанот Медерс.
Модификации на теренот се секојдневие за македонските и за американските инженерци. Велат дека е гордост да се биде дел од инженериски баталјон.
„Да се биде инженерец претставува иновативност, храброст, гордост и пред сè чест, кон професијата“, нагласи поручникот Јордановски.
„Инженерите прават речиси сè. Ние го водиме патот, создаваме можности за борбените сили да ги постигнат своите цели. Единиците спијат во бараките што ние ги градиме, се движат по патиштата што ние ќе ги направиме“, објасни Капетан Медерс.
Инженериските баталјони ќе заминат, но зад себе оставаат инфраструктура што ќе им служи на армиите што како дел од НАТО ќе вежбаат на овој полигон.
ИЗВОР: Гласот на Америка