Македонските војници, кои се во Словенија за да помагаат во санирањето на штетите што ги предизвикаа поплавите, како последица на поројните дождови во првата недела од месецов, заедно со словенечката војска изградија привремен мост во општината Межица во северниот дел на земјата.
Македонските војници заедно со припадниците на словенечката војска изградија привремен мост во општината Межица во северниот дел на земјата, кој денеска беше пуштен во употреба. Македонските војници во Словенија учествуваат во хуманитарните операции за санирање на штетите од катастрофалните поплави што ја зафатија оваа земја.
На отворањето на мостот во оваа општина во корушкиот регион, словенечкиот министер за одбрана Марјан Шарец изразувајќи благодарност до инженерите кои придонеле до тоа мостот да се направи рече дека ова е мост кој е важен за локалното население и економијата.
Началникот на Генералштабот на словенечката војска, генерал-потполковник Роберт Главаш, на пуштањето во употреба на мостот истакна дека мостот е изграден заедно со војниците на АРМ.
„Словенечката армија од самиот почеток соработува за отстранување на последиците од поплавите. Помага каде што можеме. Мислам дека помошта е огромна. Овој мост го изградивме заедно со членовите на македонската армија за четири или пет дена“,
рече генерал-потполковник Главаш.
Македонската министерка за одбрана, Славјанка Петровска на својот фејсбук-профил објави дека е горда на македонските војници кои им помогнале на словенечките колеги да изградат мост во Межица, за само неколку денови.
„Северна Македонија стои заедно со пријателската Словенија. Ова е уште еден доказ дека ние сме повеќе од сојузници. Сите сме посилни кога стоиме заедно. Да го продолжиме овој дух на заедништво и помош, секогаш и секаде“,
вели Петровска.
Во Словенија се наоѓаат 100 припадници на АРМ кои помагаат во санирањето на штетите што ги предизвикаа поплавите, како последица на поројните дождови во првата недела од месецов. Помошта беше побарана од страна на Словенија преку механизамот NATO EADRCC.
Припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, согласно владината одлука, ќе останат во Словенија 30 дена, каде се вклучени во хуманитарната операција за санирање на штетите од невремето во поплавените подрачја.
Во најлошите поплави што ја зафатија Словенија од нејзината независност во 1991 година, загинаа шест лица, а беше предизвикана штета која се проценува на неколку милијарди евра.
Извор: 360 Степени