Операции на копно и во вода, борбено пливање и нуркање биле вклучени во заедничката обука на силите за специјални операции на Северна Македонија и Грција, што од 10 до 21 јули се одржала во областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 1 август 2023 (МИА) – Операции на копно и во вода, борбено пливање и нуркање биле вклучени во заедничката обука на силите за специјални операции на Северна Македонија и Грција, што од 10 до 21 јули се одржала во областа Атика, јави дописничката на МИА од Атина.
Од Генералштабот на грчката национална одбрана соопштија дека заедничката обука е во рамките на нивниот план за меѓународни соработки, од Грција учествувале тимови за специјални операции со пловни средства, а од Република Северна Македонија 12 припадници на силите за специјални операции.
-Учеството на вооружените сили во конкретната заедничка обука е во рамките на имплементацијата на Програмата за воена соработка за 2023 година меѓу Грција и Република Северна Македонија и имаше за цел зајакнување на борбениот капацитет и оперативната готовност на учесниците, соопштија од Генералштабот на грчката национална одбрана.
Обуката се одржала во Центарот за обука на специјалните сили во Неа Перамос во западниот дел на областа Атика, поширокиот регион на Атина, како и во поморското подрачје во истиот дел.
Од Генералштабот на грчката национална одбрана објавија и фотографии и видео од обуката на силите на двете земји.