Врз основа на одлуката на Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на Армијата, Стево Пендаровски по одлуката на Владата за прогласување на кризна состојба во општините Дебар и Центар Жупа, за спроведување на мерките за спречување на ширење на корона вирусот, Армијата на Република Северна Македонија се вклучува во поддршка на овие единици на локална самоуправа во согласност со мисијата на Армијата за поддршка на населението во случај на поголеми заболувања и епидемии.
Генералштабот на Армијата нареди ангажирање на единици на Армијата врз основа на конкретните побарувања на кризниот штаб во надлежност на локалната самоуправа. Армијата е ангажирана во поддршка на Министерството за внатрешни работи и Министерството за здравство за обезбедување и контрола на кризното подрачје и во поддршка на МВР за засилено обезбедување на државната граница во регионот на Дебар.
По дадените насоки за подготовка на единиците во зоната на одговорност во која влегуваат реоните кои се прогласени за кризни, на ден 14.03.2020 година од касарната во Тетово во присуство на највисокото воено раководство се упатија единици од составот на третиот пешадиски баталјон од првата механизирана бригада кои веднаш по распоредувањето и дезинфекција на сместувачките и работни простории се вклучија во извршување на задачите.
Конкретните мерки, начинот на ангажирање и употреба на потребните ресурси се извршуваат врз основа на побарувањата и оперативните планови на кризниот штаб во целосна координација и соработка со сите надлежни институции вклучени во оваа мерка.