Во услови на зголемена опасност од ширење на пожар на отворено, воздухопловниот ВИНГ денеска беше итно ангажиран во поддршка на акцијата за гаснење на големиот шумски пожар во реонот на селото Грчиште, Валандовско.
Интервенцијата започна рано утринава, по добивањето на официјално барање и извршените технички и оперативни подготовки. Во акцијата беше вклучен еден хеликоптер Ми-8МТ, при што беа извршени десет прецизни исфрлања на вода, каде беа испуштени вкупно 25 тони вода на критичните жаришта.
Воздухопловниот ВИНГ дејствуваше во тесна координација со надлежните институции на терен, вклучувајќи го Центарот за управување со кризи (ЦУК), општинските служби, противпожарните единици и доброволците. Активностите беа насочени кон локализирање на пожарот преку два главни огнени крака – едниот кон селата Казан Дол и Фурка, а другиот кон Општина Богданци.
Воздушната поддршка значително го намали интензитетот на пожарот во критичните зони и помогна во спречување на негово понатамошно ширење. Овој ангажман е дел од континуираната подготвеност на воздухопловниот ВИНГ да обезбеди брза, ефикасна и стратешка поддршка од воздух, со цел заштита на населението, животната средина и критичната инфраструктура.
Акцијата продолжува со зголемена мобилност и координација на сите надлежни служби, при што воздухопловниот ВИНГ останува во постојана подготвеност за интервенција и дополнителна воздушна поддршка, со цел максимално да се намали ризикот од ширење на пожарот и да се заштитат животот, имотот и природната средина.