Во организација на Генералштабот на АРМ, традиционално и оваа година се одржа „9-то Армиско првенство во крос-кантри трчање“.
Својата физичка кондиција на патеката во касарната „Илинден“, во должина од 6 км во машка и 3 км во женска конкуренција, на ова првенство ја покажаа 50 припадници на АРМ како и припадници од неколку атлетски екипи од Атлетската федерација на Република Македонија.
Полковникот Додевски, кој се обрати во името на Началникот на ГШ, на отворањето на првенството ја потенцираше важноста на спортот во Армијата, но исто така и дружењето и стекнувањето на пријателства низ спортските активности.
Најдобро пласирана во женска конкуренција беше припадничката на полкот за специјални операции Марија Димевска, на второто место и припадна на Марија Пеликон од баталјонот за почести, додека третото место го освои Викторија Здравковска, питомец во прва година на Воената академија. Екипно најдобри во женска конкуренција беа припадничките од Командата за обука и доктрини, втори се пласираа припадничките од ренџерскиот баталјон и трети од баталјонот за почести.
Во машка конкуренција првото место го освои пфв Милош Ранчиќ од воздухопловната бригада, второ место мајор Игор Јакимовски и третото пфв Игор Цветановски од полкот за специјални операции. Екипно припадниците на баталјонот за специјални намени го освоија првото место, второто ренџерскиот баталјон , додека третото место и припадна на Здружената оперативна команда.
По завршување на натпреварите, на најуспешните поединци и екипи им беа врачени медали и пехари, додека медал за највозрасен учесник на ова првенство му беше доделен на Бранислав Јаргич, пензиониран припадник од АРМ.