Денес во касарната „Јане Сандански“ – Штип, во присуство на претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорката на САД, Анџела Агелер, заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, и командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, беше реализирана презентација на новопристигнатите лесни оклопни возила (JLTV).
На презентацијата, присутните беа информирани за мисијата и задачите на Лесната пешадиска баталјонска група (ЛПБГ), тактичко-техничките карактеристики на возилата, претстојните активности на единицата – пред се учеството на вежби и обуки во земјата и странство, како и претстојното оценување на ЛПБГ кое треба да се реализира наредната година во рамките на вежбата „Македонски Блесок 26“.
Во оваа прилика генералот Лафчиски, пред присутните го нагласи значењето на процесот на модернизација, потенцирајќи дека само во последните неколку месеци Армијата значително ја засили својата борбена готовност. Тој додаде дека во наредниот период пред ЛПБГ претстојат бројни предизвици, наведувајќи ја вежбата Saber Junction 25, на која ќе се согледаат оперативните способности на ЛПБГ.
“Како претседател на Владата, секогаш еден од моите врвни приоритети била безбедноста на државата, за чување на мирот, стабилноста на државата, бидејќи тоа се основните услови за да можеме да развиваме општество коешто ќе напредува и општество коешто ќе нуди иднина за сите граѓани, нераскинлива алка се разбира од овие амбиции е и македонската Армија”, рече премиерот Мицкоски.
Денеска, додаде тој, присуствуваме на овој настан којшто е продолжение би рекол на настанот што се случи пред една година за којшто зборуваше почитуваната амбасадорка на САД и јас сум навистина горд што ете полека но сигурно се доекипираме, се комплетираме и ја јакнеме македонската Армија. Тука нема да застанеме, ќе продолжиме и понатаму, порача премиерот.
Министерот Мисајловски истакна дека одбранбените капацитети на Армијата продолжуваат да се зголемуваат и зајакнуваат и дека во соработка со САД и програмите преку кои се вршат набавките за модернизација на македонската Армија, бројот на лесни оклопни возила се зголеми речиси за двојно.
„Нови 29 оклопни возила кои се набавени преку договорот Влада со Влада веќе се дел од Армијата. Со оваа нова достава, се приближуваме до потребниот бројот на возила, а дополнително, очекуваме во скоро време да ни пристигнат и дел од оклопните возила STRYKER кои исто така се од американско производство”, истакна Мисајловски и додаде дека возилата се предвидени за Лесната пешадиска баталјонска група, нашата декларирана единица која ќе биде подготвена за упатување и мисии во случај на потреба.
Министерот информираше дека потпишани се и 7 нови договори со САД, проекти кои се во процес на реализација, а се однесуваат на набавка на опрема за специјални сили, набавка на беспилотни системи, опрема за сајбер заштита, лесно пешадиско вооружување, средства за лична заштита и Комплет за контрола на здружен оган.
Амбасадорката Агелер подвлече дека овие лесни оклопни возила преставуваат олицетворение на постојаната поддршка на САД на Северна Македонија и нејзините одбранбени способности, а се и еден “силен и моќен симбол на вашиот напредок кон постигнување на модернизирана војска која што ќе биде опремена и подготвена да се соочи со потребите и барањата на денешната комплексна безбедносна средина.”
До крајот на 2025 година се очекува пристигнување на преостанатите JLTV возила од типот Oshkosh со што ќе се заокружи еден од најголемите проекти за модернизација и опремување на Армијата.