Денес, на армискиот полигон „Криволак“, во присуство на министерот за одбрана Владо Мисајловски, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, амбасадорот на Република Турција во земјава, Н.Е. Фатих Улусој, заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, командантот на оперативната команда, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, директорот на Генералштабот на Армијата, бригаден генерал Орце Јордев, командантот на 1.пбр, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници од Армијата и министерството за одбрана, како и претставници од компаниите ASELSAN и MKE, присуствуваа на теренската вежба на артилерискиот баталјон каде се реализираше артилериско гаѓање со новите артилериски орудија „Боран“ 105 мм, со кое истите беа ставени во оперативна употреба.
Нагласувајќи ја професионалноста и подготвеноста на припаднците на артилерискиот баталјон, генералот Лафчиски наведе: „Во период од само три месеци по пристигнувањето на хаубиците, нашите војници ја демонстрираа способноста и професионализмот што ја красат Армијата. Денес тие не само што ја потврдија својата подготвеност, туку ја презентираа и тактичката моќ и прецизност на новите огнени капацитети што и стојат на располагање на Армијата“.
Генералот Лафчиски упати и голема благодарност на нашите партнери од Република Турција, но и на експертите од компаниите ASELSAN и MKE, кои со нивната стручна поддршка и несебичното пренесување на знаење овозможија за краток период нашата Армија да стане првата во Европа, која го воведе ова современо артилериско вооружување во оперативна употреба.
Командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски изрази уверување дека за кратко време оваа декларирана батерија ќе биде високо обучена и дека во наредната прилика од ова исто место ќе можеме да се увериме во нејзината борбена готовност, прецизност и достигнатото ниво на обученост пред упатување во ЛПБГ.
Во рамки на денешните активности, беа презентирани и ново добиените униформи и чизми за припадниците на Армијата, набавени од Република Турција.
Обраќајќи се пред медиумите, министерот за одбрана Владо Мисајловски истакна дека армиските припадници успешно го реализирале имплементирањето на новите системи, со што докажале дека се одлично обучени. Дополнително министерот Мисајловски наведе дека припадниците на Армијата остануваат врвен приоритет истакнувајќи ја новата набавка на околу 4.000 воено – теренски униформи, како и очекуваните над 3.500 војнички чизми кои треба да пристигнат во наредниот период. Во рамките на наведеното беше истакнатo дека приоритет се и набавките на комплети со снајперски пушки и теренски моторни возила кои се реализираат во рамките на Договорот за воено-финансиска соработка со Турција.
Хаубиците 105 мм „Боран“се дел од декларираната батерија на Артилерискиот баталјон која е составен дел од Лесната пешадиска баталјонска група. Набавката на ова средство со кое се исполнува НАТО целта за опрема и муниција за индиректна огнена поддршка, претставува важен чекор во реализацијата на исполнувањето на обврските од пакетот на НАТО цели на способности утврдени во 2021 година и потврдени со новиот пакет за 2025 година.