Припадници на АРМ од гарнизоните Скопје, Велес и Петровец како и многупати досега во голем број се приклучија на денешната акција на доброволно дарување на крв која се спроведе во Домот на АРМ во Скопје, како дел од планираните активности за одбележување на 25 години од формирањето на Армијата на Република Македонија.
Учесниците во денешната централна крводарителна акција беа посетени од страна на Министерката за одбрана Радмила Шекеринска, НГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски и првите луѓе на Црвениот Крст на Република Македонија г-дин Саит Саити и на институтот за трансфузиона медицина, Емилија Велкова.
Притоа, од нивна страна на симболична цермонија на дел од армиските припадници кои имаат дарувано крв повеќе од 25 и 50 пати се врачени благодарници, признанија, плакети и значки.
Денешната крводарителна акција на која се очекува да се соберат повеќе од 250 крвни единици ја потврдува хуманоста на припадниците на Армијата на Република Македонија кои секогаш се подготвени да помогнат онаму каде тоа е потребно.
Во досегашниот период на 25 годишното постоење на АРМ во соработка со Црвениот Крст на Република Македонија и Институтот за трансфузиона медицина организира и спроведува во сите команди и единици крводарителни акции по повод одбележување на деновите на единиците и денот на АРМ. Секоја година просечно се организираат помеѓу 15-20 вакви акции на кои учествуваат помеѓу 800-900 постојани крводарители, а кој број континуирано се зголемува.
Од почетокот на оваа година, АРМ има спроведено 18 крводарителни акции на кои се собрани 768 крвни единици.