Делегација составена од членови на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на НАТО, во рамките на посетата на нашата земја, денеска, ја посети Армијата на Република Северна Македонија. Посетата која се совпаѓа со 5 – годишнината од членството на нашата држава во Северно Атлантската Алијанса, започна во касарната „Илинден“ во Скопје, каде делегацијата беше пречекана од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, министерот за одбрана Владо Мисајловски, претставници од Собранието, генерали во Армијата, високи претставници на Министерството за одбрана и Армијата.
За време на посетата во касарната, се презентираше дел од опремата со која располага Армијата како и се изведоа показни вежби со кои се прикажа обученоста на припадниците на Армијата при изведување на комплексни сценарија.
Средбата продолжи во домот на Армијата во Скопје каде пред присутните се обрати генералот Лафчиски кој осврнувајќи се на трагичниот настан во Кочани, во кој животот го загубија многу недолжни граѓани, нагласи дека ваквите ситуации ја потенцираат потребата од подобра подготвеност, посилна соработка и поголема отпорност – вредности што претставуваат основа на националната одбрана и на нашето членство во НАТО. Говорејќи за вредностите на Алијансата, генералот истакна дека нашето членство во НАТО останува темел на стабилноста и безбедноста на нашата држава во време на сè покомплексни безбедносни предизвици.
„Оваа годишнина служи како потсетување дека нашето место во Алијансата е резултат на повеќе децениски труд, а нашата иднина е изградена на принципите на колективна одбрана, солидарност и соработка“ додаде генералот.
Постојаниот комитет е највисокото раководно тело на Парламентарното собрание на НАТО. Овој комитет извршува широк спектар на политички и административни задачи, ја координира севкупната работа на Собранието, ги одобрува планираните состаноци и дава насоки на комитетите со цел да се осигура дека севкупната работа на Собранието е соодветно координирана.
Парламентарното собрание на НАТО е мултилатерална организација која воспоставува суштинска врска меѓу НАТО и парламентите на земјите членки, придонесувајќи на свој начин кон спроведувањето на трансатлантските вредности на Алијансата. Составено е од 281 делегат од 32 земји членки на НАТО, како и делегати од асоцијативни земји членки, регионални партнери и од медитеранските асоцијативни земји членки, како и парламентарни набљудувачи од други земји и од парламентарните собранија (ПС) како ПС на ОБСЕ, ПС на СЕ и делегација од Европскиот парламент.