Денес, 9 мај во касарната „Јане Сандански“ во Штип се реализираше Денот на високи гости за вежбата за подготвеност за стратегиско распоредување (Strategic Deployment Readiness Exercise – SDRE).
На настанот присуствуваа началникот на ГШ на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, командантот на Командата за операции, бригаден генерал Мирче Ѓоргоски, командантот на Командата за обука и доктрини, бригаден генерал Лулзим Нуредини, командантот на 1.пешадиска бригада, бригаден генерал Дејан Чиплаковски, претставници на Амбасадата на САД во нашата држава, претставници од Канцеларијата за одбранбена соработка (ODC) на САД, претставник на Европската команда на САД и други гости. Присутните беа информирани за досегашните реализирани активности за подготовка и распоредување на наменската сила на зајакната чета од составот на ЛПБГ за учество на вежбата „Saber Junction 2025 (SJ-25)“ во СР Германија, која треба да се реализира во втората половина на оваа година, а на која ќе се согледаат оперативните способности на ЛПБГ.
Дополнително, беше реализирана показна вежба за проверка на подготвеноста на оваа чета, а на која фокус се даде на преглед на комплетноста на личната и колективната опрема, проверка на документите за транспорт и симулации на товарање на опрема.
Началникот на Генералштабот на Армијата им честиташе на организаторите на вежбата, наведувајќи дека она што го видовме влева доверба дека вежбата SJ-25 ќе се реализира во најдобро светло. Односно, научените лекции од оваа активност треба да се преточат во процедури за упатување на наши сили во странство.
Вежбата SDRE, чии носители беа Генералштабот на Армијата и Командата за операции, се реализираше во соработка со тимот за одбранбена трансформација при Институтот за безбедносно управување на САД, со цел подготовка и изработка на структурирана рамка, која ќе ги опишува неопходните чекори, барања и функционални задачи за идна подготовка на единиците од Армијата за распоредување во мисии, операции и вежби, согласно националните и НАТО документи и процедури.