Утре, 17-ти октомври (четврток) со почеток во 11.00 часот, во рамките на воената вежба „Македонски Блесок-9” на Армискиот полигон (АП) „Криволак“ и во Центарот за обука (ЦО) „Пепелиште“ ќе се реализира програма во рамките на Денот за високи гости. На Денот за високи гости ќе присуствуваат: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, пратеници од Соранието на Република Македонија, претставници на Владата на Република Македонија, воените аташеа акредитирани во Република Македонија, претставници на Канцеларијата за врски на НАТО, претставници на локалната самоуправа од Штип, Неготино и Кавадарци и други високи гости.
Според програмата, утре на Денот за високи гости ќе се изведе тактичка вежба со бојно гаѓање „Засилена средна пешадиска баталјонска група (СПБГ) во напад“, на која ќе учествуваат повеќе единици од различни родови и единици за логистичка поддршка. Учесниците на вежбата, на АП „Криволак“ покрај практичната примена на тактиките и процедурите за изведување на офанзивни борбени дејства, ќе ја демонстрираат нивната обученост во извршување на различни гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување, а низ програмско гаѓање ќе биде прикажана и блиската воздушна поддршка на СПБГ. По изведувањето на вежбата, во ЦО „Пепелиште“ е планирана посета на Лесната маневарска болница и тактичкиот оперативен центар од кој се раководи вежбата и оценувањето на „Македонски Блесок-9“.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери, да присуствуваат и да известуваат за настанот. За таа прилика ГШ на АРМ на 17-ти октомври обезбеди организиран превоз до АП „Криволак“ со поаѓање во 09.00 часот, пред зградата на МО и ГШ на АРМ. Претставниците на медиумите кои имаат намера да се превезуваат со сопствени моторни возила, потребно е да бидат на влезот во АП „Криволак“ најдоцна до 10.15 часот, од каде до местото на настанот ќе продолжат со организираниот превоз.