На Армискиот Полигон „Криволак“, припадниците на декларираната чета на воена полиција на АРМ, во склоп на програмата за денот на високи гости на вежбата „Македонски Блесок-14” го демонстрираа нивото на борбена подготвеност, со што завршија активностите за оценувањето на оваа декларирана единица на АРМ согласно концептот за оперативни способности согласно стандардите на НАТО ниво 2.
Пред министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, генерали на АРМ, претставници на асоцијацијата на воените аташеа акредитирани во РМ и други високи гости, се претставија борбени постапки и ситуации кои беа дел од содржините за оценување на вежбата „Македонски Блесок-14” кои се базираат на фиктивно сценарио при учество во операција за одржување на мирот.
По завршување на вежбовните активности, министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, по искажаните честитки на учесниците во вежбата за прикажаното, изјави дека припадниците на АРМ при вакви настани се прикажуваат во најдобро светло што е доволен аргумент за да се бараат и се обезбедуваат подобри услови за АРМ.
Претходно, од страна на командантот на ЗОК, генерал-мајор Павле Арсоски пред присутните посетители беше истакнато дека на вежбата „Македонски Блесок-14” е постигната главната цел со успешното оценување на дел од декларираните единици на АРМ.
Исто така, и директорот на вежбата „Македонски Блесок-14” потполковник Игор Манасовски нагласи дека оваа вежба претставува потполна демонстрација на борбената готовност на декларираната чета на Воена Полиција како и нејзините капацитети за рамноправно учество во операции за поддршка на мирот предводени од НАТО.
Вежбата „Македонски Блесок 14“ претставува уште еден голем успех на АРМ и потврда за исполнувањето на стандардите на НАТО.
Оценувањето на декларираната чета на Воена Полиција и копнената маневарска болница со улога 2, се реализираше согласно Концептот за оперативни способности на НАТО-ниво 2, а го спроведеа национални оценувачки тимови, поддржани од оценувачи од Босна и Херцеговина и Србија, а валоризација на процесот на НАТО оценување ниво-2 го изврши тим на монитори од Здружената Команда за Операции на НАТО од Неапол, оценувачки тим на АРМ заедно со набљудувачи од различни команди на НАТО.
Во текот на вчерашниот ден на командирите на оценуваните единици им е соопштена првичната оценка од спроведеното оценување согласно Концептот за оперативни способности на НАТО, која е во согласност со прикажаната обученост на припадниците на единиците.
Во текот на активностите на „Македонски Блесок 14“ се изврши и внатрешно медицинско оценување на декларираниот состав на Копнената Маневарска Болница со улога 2, согласно Концептот за оперативни способности на НАТО.