Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денес изврши обиколка на единиците кои се стационирани во касарната „Чеде Филиповски Даме“ во гарнизонот Кичево, како дел од планираните активности за обиколка на гарнизоните и информирање на припадниците на Армијата.
Во рамките на денешната посета, припадниците на Армијата на Република Северна Македонија, кои извршуваат редовни задачи во единиците од гарнизонот Кичево од страна на генералот Ѓурчиновски беа информирани за актуелната состојба во Армијата, активностите и трансформациските процеси кои се во тек, како и за наредните планови и задачи.
Генералот Ѓурчиновски пред единиците го истакна ангажманот на припадниците на Армијата во спречување на ширењето на „Ковид 19“, кој се спроведува согласно одлуката на врховниот командант на Вооружените сили и потребата за максимално почитување на мерките и препораките со цел поскоро надминување на оваа епидемиолошка ситуација.
На информирањето беа присутни и командантите на командите и единиците под чија надлежност се единиците од гарнизонот Кичево: генерал-мајор Павле Арсоски, полковник Бесник Емини, полковник Мухарем Мухареми и потполковник Горан Трајановски.