На ден 23.07.2013 година (вторник), во касарната ,,Јане Сандански” во Штип, со почеток во 09.30 часот ќе се одржи свеченост по повод враќањето на контингентот на АРМ од составот на Првата механизирана пешадиска бригада (1.мпбр) кој учествуваше во мировната мисија ИСАФ во Авганистан во периодот Јануари – Јуни 2013 годин.
На воената свеченост по повод враќањето на контингентот на АРМ од мисијата ИСАФ ќе присуствуваат: Министерот за одбрана г-дин Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-мајор Горанчо Котески, Амбасадорот на САД во Република Македонија г-дин Пол Волерс, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ бригаден генерал Методија Величковски, Командантот на 1.мпбр бригадниот генерал Стојан Димчов, претставници од локалните самоуправи и други цивилни авторитети од зоната на одговорноста на бригадата, роднините на припадниците од контингентот и други гости.
Во изминатите шест месеци припадниците од контингентот извршуваа задачи за обезбедување на главната команда на силите на ИСАФ во Кабул, како и останати задачи во зависност од потребите на мисијата.
За досегашното беспрекорно и професионално извршување на задачите, покажаната компатибилност и интероперативност со силите на Алијансата во мисијата ИСАФ, припадниците на АРМ од командата на ИСАФ и од високите командни структури на Алијансата добија највисоки оценки, заради што уживаат висок рејтинг.
Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да го проследат и да известуваат за настанот. Заради запазување на процедурите за влез во касарната ,,Јане Сандански” во Штип, пристигнувањето пред пријавницата на касарната, треба да биде најдоцна до 08.50 часот.