Во рамки на активностите за одбележување на третата годишнина од членството во НАТО, денес во Скопје се одржа „Одбранбен форум 2023“ на кој покрај голем број на експерти од безбедносната сфера, свои обраќања имаа началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини.
Форумот беше отворен со видеообраќање на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и амбасадорката на Соединетите Американски Држави во земјава, Анџела Агелер.
Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во своето видеообраќање пред присутните, истакна дека Северна Македонија активно придонесува кон колективната безбедност, има место и рамноправен глас на масата на НАТО и ја ужива целосната заштита на Алијансата.
Министерката Петровска посочи дека овој Форум, како круна на одбележувањето на годишнината од членството во Алијансата и Денот на НАТО, има за цел да го интензивира дијалогот со сите општествени чинители зашто развојот на одбраната побарува мултисекторски пристап.
„Ние сме составен дел од НАТО и од нас како и од сите останати земји членки зависи колку НАТО ќе одговори на својата задача да биде заштитник на заедничките цивилизациски вредности, слободата, правдата и демократијата“, истакна Петровска.
Американската амбасадорка Агелер на отворањето рече дека улогата на Алијансата во гарантирањето на евроатлантската безбедност никогаш не била поголема и дека секој граѓанин на Северна Македонија треба да биде многу горд на придонесот кон унапредувањето на регионалната и глобалната стабилност.
Генералот Ѓурчиновски, кој се обрати на панел-дискусијата на тема „Место и улога на Армијата – Иден развој и приоритети“, истакна дека денешното постигнато ниво на развој на Армијата, која сега е мала, флексибилна и современа, е постојан процес во однос на стратегијата, модернизацијата, но и во сите други сфери и подеднакво континуирано прилагодување кон новонастанатите ситуации кои влијаат на безбедноста и во кои се вклучени сите структури на одбраната.
Говорејќи за динамичните промени во безбедносната сфера, особено предизвикани со војната во Украина, тој истакна дека се прават проценки и анализи во Армијата за потребата од прилагодување на делот од опремување и ресурси, како и обученост на Армијата согласно очекувањата, безбедносната ситуација и промените кои постојано се случуваат.
„Лидерството, флексибилноста и подготвеноста за брзо реагирање, согласно новите предизвици, се еден од многуте важни фактори за справување со безбедносните ситуации на кои Армијата придава особено значење“, истакна генералот Ѓурчиновски.
Во овој дел од Форумот обраќања имаа и првиот министер за одбрана, Трајан Гоцевски и командантот на Командата за операции, бригаден генерал Бесник Емини кој во своето обраќање ја истакна потребата за развивање, подготвеност и имплементација во однос на побарувањата.
На форумот на кој има над 250 присутни, свое обраќање во петте панел-дискусии имаа претставници од Северна Македонија, СР Германија, Белгија, Словачка, Бугарија, Хрватска, Босна и Херцеговина и други земји, кои ги претставија своите видувања за реформските процеси и активности во безбедносната сфера.
Со форумот се заокружуваат повеќе активности со кои се одбележа третата годишнина од нашето полноправно членство во НАТО.