Министерот за одбрана, Зоран Јолевски заедно со началникот на ГШ на АРМ, генерал потполковник Методија Величковски и со командантот на ЗОК, бригадниот генерал Васко Ѓурчиновски денес ги посетија припадниците на Армијата на Република Македонија, распоредени на јужната граница.
Главна цел на Армијата е да даде поддршка на државните институции односно на граничната полиција и на МВР, во поглед на справувањето на овој голем наплив на мигранти.
Целта е армијата да помогне, мигрантите да се насочуваат кон еден премин, каде што истите ќе бидат евидентирани и понатаму организирано транспортирани до нашата северна граница – изјави министерот Јолевски.
На новинарски прашања по колку мигранти влегуваат во групи во Македонија, како се транспортираат и до кога може да се очекува ангажман на Армијата, министерот Јолевски одговори:
– Групите најчесто се до 200 лица. Истите се евидентираат од страна на припадниците на МВР и се упатуваат за превоз со воз, а доколку групите се поголеми, тогаш се користат и автобуси.
Она што бев информиран е дека постои координација со грчката страна. Грчките власти не информираат за движењето на мигрантите со цел ние да бидеме максимално подготвени.
Засега се сѐ одвива организирано и се надеваме дека така ќе продолжи. Во однос на прашањето за идниот ангажман на Армијата, министерот истакна дека сегашниот ангажман на Армијата е со одлука на Владата и на Врховниот командант.
Прогласување на кризна состојба е во траење од 30 дена, а тоа е и во уставот регулирано. Доколку има потреба од натамошен ангажман на Армијата, врз основа на безбедносните проценки кои се прават заедно со МВР, Армијата и другите институции, за тоа ќе биде потребна одлука на Собранието на РМ, рече министерот Јолевски.