Припадничките од понежниот пол од Генералштабот и останатите команди и единици на Армијата на Република Македонија традиционално и оваа година го одбележаа меѓународниот ден на жената 8-ми март.
На припадничките на АРМ од женскиот пол со симболично подарување на цвеќе во командите и единици на АРМ им беше оддадено признание за професионализмот во извршувањето на задачите и воедно им се оддаде почит кон улогата која ја имаат и надвор од воената организација.
Старешините од понежниот пол од ГШ на АРМ ја проследија специјалната програма за одбележување на денот на жената на Музејот на македонската борба насловена како „Жената борец за слобода и македонската државност“, а потоа имаа заедничко дружење во касарната „Илинден“.
Во изминатите години АРМ посветува особено внимание на интеграцијата на начелата на родова рамноправност притоа полека менувајќи го ставот за армијата како институција која првенствено се занимава со војување, во структура насочена кон градење мир и безбедност.
На стереотипите дека воената професија е машка и дека жените не секогаш можат да ги извршуваат задачите рамноправно со мажите, полека се спротивставува статистиката в која покажува да од вкупниот персонал во АРМ, 9,20 % се жени од кои офицери се 11,48 %, подофицери 12,34 %, професионални војници 3,49 %.
Со бројки, 99 припаднички на АРМ се офицери, 184 се подофицери и 128 се професионални војници од кои највисокиот чин на жена во АРМ е полковник, а имаме добар број на жени-потполковници, мајори и капетани.
Со овие бројки АРМ ги следи трендовите на модерните армии во светот кои на зголемувањето на застапеноста на женскиот пол во армиските структури посветуваат големо внимание (во Армиите членки на НАТО жените учествуваат со 10,5 %).