Министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кои ја предводат македонската делегација присуствуваа на 4. меѓународен саем за одбрана – SAHA EXPO 2024, кој се одржува во Истанбул, Турција во период од 22 до 26 октомври.
За време на посетата на Република Турција, министерот Мисајловски, генералот Лафчиски и останатите членови на македонската делегација, присуствуваа на церемонијалното отворање на саемот, при што остварија повеќе средби со претставници на компаниите од турската наменска индустрија и со други компании од сите сегменти на копнените капацитети кои би можеле да бидат од аквизициски интерес за македонската одбрана.
Началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашко Лафчиски, во рамки на посетата, оствари средба со началникот на Генералштабот на турските Вооружени сили, генерал Метин Ѓурак на која беше потврдена одличната билатерална меѓуармиска соработка и изразена взаемна подготвеност за дополнителен развој и унапредување на истата.
Министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за национална одбрана на Република Турција, Јашар Гулер денеска за време на средбата која се одржа во Истанбул во име на владите на двете држави потпишаа Рамковен договор за воена соработка врз основ на изразената потреба за подобрување на постојните пријателски односи.
Целта на овој договор е да ја развие соработката меѓу двете држави на полето на воената соработка, воена обука и образование, заедничкото учество во вежби, мировните операции и операциите за хуманитарна помош, одбранбената индустрија, военото разузнавање, логистичката соработка, воената медицина и здравствените услуги, комуникациско информациски системи и сајбер одбраната и размена на персонал за професионален развој.
Во рамки на денешните активности, министерот Мисајловски придружуван од генералот Лафчиски оствари средба и со Халук Горгун, секретар за одбранбена индустрија на која се разговараше за интензивирање на соработката во делот на модернизација на македонската Армијата и за можностите за понатамошно проширување на билатералната воена соработка помеѓу двете пријателски држави.