Денес, 2-ри јуни 2014 година на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, свечено е испратена декларираната единица на АРМ која до 14-ти јуни ќе учествува вежбата „Брз Лав“ во Белгија, наменета за оценување на оперативната способност на борбената група на ЕУ(ЕУБГ 2014-2). На чинот на испраќање на припадниците на АРМ во Белгија присуствуваше началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески.
Генералот Котески, во обраќањето пред целокупниот состав на единицата оцени дека ова е голем успех за АРМ и за Република Македонија, потенцирајќи дека со учеството на вежбата „Брз Лав“ како дел од ЕУБГ 2014-2 испраќаме јасен сигнал за поддршка на одбранбената политика на ЕУ. Тој истакна дека целта на вежбата e да се провери обученоста и интероперативноста на единиците кои ја градат оваа борбена група, а кои ќе бидат евентуално ангажирани во мировни операии кои ќе се водат на територијата на Европа. НГШ на АРМ не ги криеше очекувањата, единицата во целост да ги задоволи бараните стандарди и критериуми поставени на оваа вежба.
Декларираната единица на АРМ е дел од борбената група на ЕУ која е предводена од Вооружените сили на Кралството Белгија, а во која учествуваат и армиите на: Холандија, Луксембург, Шпанија и СР Германија. Единица денес за Белгија отпатува со специјален лет организиран со авион на Вооружените сили на Кралството Белгија.