Началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, кој се наоѓа во повеќедневна работна посета на Соединетите Американски Држави, во текот на вчерашниот ден, согласно агендата престојуваше во Пентагон, Вашингтон, каде оствари повеќе работни средби со високи воени раководители на највисоката воена команда на САД.
Генералот Ѓурчиновски, придружуван од командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт, најпрвин оствари средба со началникот на Бирото на Националната гарда на САД, генерал Даниел Хокансон.
На средбата е разговарано за соработката која Армијата на Република Северна Македонија ја реализира со Националната града на Вермонт во рамки на партнерската Програма за соработка, која има големо значење во достигнатото ниво на интероперабилност при нашето членство во НАТО и врз основа на која досега се реализирани многубројни заеднички активности.
Работната посета на Пентагон, генералот Ѓурчиновски ја продолжи со средба со заменик на претседавачот на Здружениот штаб на Вооружените сили на САД, Адмирал, Кристофер Грејди. Од страна на генералот Ѓурчиновски се презентирани активностите кои Армијата на Република Северна Македонија ги спроведува во полето на одбраната по нашата целосна интеграција во НАТО, пред се во процесот на трансформација, опремување и модернизација, заедничките активности со ВС на САД и поддршката која ја овозможува стратегиското партнерство со САД.
Притоа генералот Ѓурчиновски ги истакнал и стекнатите бенефити и искуства на нашите армиски припадници од заедничкото учество во мировните мисии и меѓународните воени вежби со Вооружените сили на САД.
Делегацијата оствари средби и со директорот на Директоратот за воена поддршка на цивилните институции, Дир Хирш, како и со раководители од Одделот за стратегии, политика и планирање во Здружениот штаб во Пентагон.
Во денешните разговори е потенцирана цврстата определба за понатамошно заедничко развивање на нашите способности и интероперабилноста во НАТО, како и значењето на колективната безбедност на НАТО за југоисточна Европа и пошироко, во време на воената агресија над Украина, која е осудена од сите земји членки на НАТО и ЕУ.
За време на престојот во Пентагон, генералот Ѓурчиновски во меморијалниот центар им оддаде почит на жртвите од терористичкиот напад на Пентагон во 2001 година.
Во текот на следните денови делегацијата, предводена од началникот на Генералштабот на Армијата, ќе оствари обиколка на Националната команда за управување со кризи во Бурлингтон, Вермонт, Командата на ВС на САД за опремување и вооружување и компанијата Ошкош во Детроит и во Форт Левенворт.