Денес, 8-ми октомври (вторник) началникот на Генералштабот на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески изврши обиколка на единиците кои се разместени во гарнизонот Штип. Посетата на началникот на ГШ на АРМ на касарната „Јане Сандански“ во Штип се одвива во рамките на планот за обиколка на гарнизоните на АРМ, чија реализација започна минатата недела со посетата на Здружената оперативна команда (ЗОК) во гарнизонот Куманово, а со кој е планирано до крајот на месец ноември да ги посети сите гарнизони во АРМ.
Во рамките на денешната посета, припадниците на АРМ кои извршуваат редовни задачи во единиците од гарнизонот Штип, од страна на НГШ на АРМ беа информирани за актуелната состојба во АРМ, како и за наредните планови и задачи. За време на посетата, генералот Котески изврши обиколка на касарната ,,Јане Сандански“, при што беа согледани нејзините капацитети, функционалноста и условите за живот и работа на припадниците на АРМ во неа.
НГШ на АРМ во гарнизонот Штип беше придружуван од: командантот на ЗОК генерал мајор Методија Величковски, командантот на 1.механизирана пешадиска бригада, бригаден генерал Павле Арсоски, дел од началниците на секции од ГШ на АРМ и командантот на гарнизонот Штип.
Од страна на НГШ на АРМ беше констатирано дека функционирањето и уреденоста на касарната „Јане Сандански“ е на потребното ниво и дека условите во кои се наоѓа, на припадниците на АРМ им овозможуваат нормално одвивање на животот и работата.
Посетата на гарнизонот Штип беше искористена и за средба на НГШ на АРМ со клучниот персонал од овој гарнизон, на која присутните имаа можност да постават прашања кои се однесуваат на проблеми поврзани со функционирањето на службата, во делот на нормативно-правната природа и други прашања од интерес на припадниците на гарнизонот Штип.
За време на престојот во касарната „Јане Сандански“ генералот Котески оствари средба и со градоначалникот на општина Штип г-дин Илчо Захариев, на која беше разгледана соработката со локалната самоуправа, која помеѓу АРМ и градот Штип се движи во нагорна линија. Од страна на г-динот Захариев беше искажана подготвеност за унапредување на соработката со АРМ, низ директно вклучување на општина Штип во проекти за подобрување на условите за живот и работа во гарнизонот Штип.