Претставници на Конгресот на САД имаа можност, за прв пат од страна на еден Началник на Генералштаб на Армијата на Република Македонија, да слушнат за напорите кои Република Македонија ги прави во полето на одбраната за полноправно членство во Евроатланските структури, безбедносните предизвици во регионот како и важноста на поддршката во ова поле која ја овозможува стратегиското партнерство со САД.
Овие теми беа опфатени во обраќањето на генерал-потполковник Методија Величковски кој во текот на вчерашниот ден во Конгресот на САД заедно со командантот на Националната Гарда на Вермонт, генерал мајор Стивен Креј настапи пред конгресмените од Сојузните Држави на САД: Мичиген, Вермонт, Пенсилванија, Охајо, Индијана и Мисисипи.
„Покажаната пракса во современото опкружување е, дека не постои земја која сама може да се соочи со сите безбедносни предизвици. Затоа, за Република Македонија нема друга алтернатива за Евроатланските интеграции. Од почеток на независноста на Република Македонија, македонското политичко и воено раководство се обединети за визијата која македонската национална безбедност мора да ја гради во рамките на колективната безбедност. Во тој процес постојано инвестиравме, остануваме и ќе бидеме посветени да останеме на овој курс“ истакна генералот Величковски во своето обраќање.
Меѓу останатото во неговиот говор пред претставниците на Конгресот е претставена сегашната реалност во безбедносната сфера во Република Македонија и земјите од регионот, која е обликувана од заканите кои доаѓаат преку комплексноста на миграциската криза и останатите безбедносни предизвици како тероризмот, криминалот, сајбер опасностите, природните катастрофи и други актуелни безбедносни прашања кои ги пречекоруваат државните граници и се однесуваат на сите земји подеднакво.
Токму тоа ја укажува потребата од заедничко делување и новата концептуалност во колективната безбедност.
По обраќањето во текот на средбата со конгресмените се разговарало за позитивните резултати од досегашната долгогодишна соработка на АРМ со Вооружените Сили на САД, преку партнерската програма за соработка која Р. Македонија ја има со Националната Гарда на Вермонт.
Притоа од страна на конгресмените била истакната континуираната поддршка на САД, во зајакнување на одбранбените капацитети и зголемување на борбената готовност со цел постигнување на потполна интероперабилност на АРМ со армиите на НАТО земјите членки.
Генералот Величковски ги искажал стекнатите бенефити и искуства од заедничкото учество на припадниците на АРМ со колегите од Вооружените сили на САД во мировните мисии, и меѓународните воени вежби.
За време на посетата делегацијата на АРМ, реализирала и неколку издвоени состаноци со конгресмените на кои се разговарало за потребата од понатамошна поддршка на Република Македонија и АРМ во остварување на аспирациите за полноправно членство на Република Македонија во НАТО Алијансата.