Припадници на АРМ од родот врски од командите и единиците на АРМ, Секторот К-4 од Министерството за одбрана, како и претставници од НАТО партнерски армии, со поддршка на НАТО мобилен тренинг тим во период од 05 до 08.03.2018 година реализираа заедничка обука за комуникациско информациски системи (КИС).
На оваа обука која се реализираше во Домот на АРМ во Скопје беше прикажана организацијата на командната структура на НАТО со структурата на сили, организацијата и функционирањето на КИС во НАТО при распоредување во мисии и операции, како и експлоатација на воспоставениот КИС во процесот на поддршка на системот на командување и контрола (К2) во НАТО.
Планирањето на комуникациската и информациска опрема при реализација на НАТО предводените вежби е од суштинско значење поради постојаниот напредок на технологијата од телефонски комуникации, информатички сервиси, видео конференции итн. Постојаниот раст на безжичната комуникација ја иницира потребата од посветеност при планирањето на употреба на фреквенциите особено кога станува збор за вежби од поголем размер и кои се изведуваат на повеќе локации. НАТО мобилниот тренинг тим посвети особено внимание на присутните закани кај сајбер безбедноста, направените анализи, заклучоците и постапките кои се превземаат за подобра заштита од сајбер напади.
На крајот на активноста од страна на Началникот на секцијата Ј-6/ГШ на АРМ и НАТО тимот на слушателите им беа врачени сертификати за учество во обуката.