Припадниците на Командата за операции (КО), денес, со воена свеченост во касарната „Боро Менков“ во Куманово, го одбележаа Денот на единицата.
Пред присутните свое обраќање имаа началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и командантот на КО, бригаден генерал Бесник Емини.
Генералот Лафчиски честитајќи им го денот на единицата на припадниците на Командата за операции, во своето обраќање пред присутните рече дека КО претставува столб на Армијата во чија надлежност се наоѓаат речиси сите борбени единици на Армијата, со мисија непрекинато да ги подготвува конвенционалните копнени и воздухопловни сили за одбрана и заштита на територијалниот интегритет и независноста на Републиката, и со високо обучени и опремени сили да учествува во операции предводени од НАТО, ООН, ОБСЕ и ЕУ за поддршка на мирот и превенција на конфликти со цел промовирање и заштита на националните интереси.
„КО е предводник на модернизацијата, опремувањето и исполнувањето на обврските произлезени од членството во НАТО, дефинирани преку целите на способности , успешно се справува со исклучително сложена и одговорна задача, а тоа е да ја организира, развие и подготви лесната пешадиска баталјонска група да биде целосно оперативно подготвена до 2027година“, рече генералот Лафчиски, при што додаде дека искуствата од војната во Украина покажуваат дека модерното војување драматично се менува и без оглед на цената, не смее да се заостанува во поглед на новите технологии. Заедно со нашите сојузници мора да ги надградиме нашите одбранбени капацитети, за да бидеме побрзи, помоќни и попаметни на бојното поле. Меѓу другото го потенцираше придонесот на КО, која со своите потчинети единици активно се вклучи во справување со пожарите, мигрантската криза, а реализираше и голем број хуманитарни и крводарителски акции.
Во своето обраќање, бригадниот генерал Емини истакна дека командата во континуитет работи на подобрување на способностите и вештините на своите состави во областа на операциите и борбената готовност.Тој потенцираше и дека модернизацијата и вложувањето во опремување придонесува за подобрување на интероперативноста и интеграцијата со сојузничките структури, а сѐ со цел заедничко делување и одговор на секој вид закани. На припадниците на КО им порача да продолжат да ги извршуваат своите обврски и задачи со посветеност, личен интегритет и храброст придонесувајќи успешно да се гради ликот на современ воин на нашата Армија.
Во рамки на свеченоста на припадниците на командата кои се истакнале со остварените резултати во работењето им се доделија повеќе стимулативни мерки, а беа доделени и благодарници на цивилните структури и организации со кои соработува командата.
По повод денот на КО, за најдобра единица беше прогласен 2.пешадиски баталјон од Штип, од составот на 1.пешадиска бригада.
На прославата присуствуваа и заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, бригаден генерал Симеон Трајковски, генерали во Армијата, поранешни команданти на оваа команда, претставници од Министерството за одбрана, Генералштабот и од Бригадата за Југоисточна Европа, воено-дипломатскиот кор и претставници од локалните самоуправи и институции со кои соработува оваа команда.
Командата за операции е носител на традициите на одбележувањето на денот кога е формиран штабот на Кресненското востание, кој е воедно и ден кога е кренато востанието, како еден од значајните историски настани врз кои се темелат традициите на Армијата.