Припадниците на Првата пешадиска бригада (1.пбр) од составот на Командата за операции, со воена свеченост и почитување на мерките и протоколите за спречување на ширење на вирусот „Ковид 19“, во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец денес го одбележаа Денот на единицата.
Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски во своето обраќање пред стројот на единиците на 1.пбр, честитајќи го празникот им одаде признание на припадниците на Првата пешадиска бригада за професионализмот, квалитетот и резултатите при извршување на задачите, притоа напоменувајќи дека граѓаните и државното раководство ги препознаваат овие резултати.
Во периодот кој следува, рече генералот Ѓурчиновски, бригадата ја очекуваат бројни задачи, меѓу кои и продолжување на асистенцијата на Министерството за внатрешни работи во справување со мигрантската криза и обезбедување на јужната и дел од северната граница, асистирање на институциите во справувањето со пандемијата предизвикана од „Ковид 19“, како и интензивни вежбовни активности и обука за што изрази уверување дека, како и досега ќе бидат извршени успешно.
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска истакна: „Ако Армијата е едно тело, тогаш вие сте срцето, па и ‘рбетот, на тој организам. Вие сте јадрото, без кое тој организам не може да постои и не може да ја покаже својата сила и својата виталност. Несебично им помагавте и им помагате на своите колеги и во здравството и во полицијата. Бевте и сте на границите. Спречивте, само во минатата година, 1400 обиди за илегално поминување на границата. Затоа, вчера Владата повторно донесе одлука со која се прогласува кризна состојба на нашата јужна и северна граница“.
Шекеринска се осврна и на тоа дека улогата на Првата пешадиска бригада е клучна и за нашето членство во НАТО, потенцирајќи дека баталјонот се обучува според највисоките стандарди, притоа спомена дека припадниците на оваа бригада се препознатливи и во разните НАТО мировни операции, од Авганистан, па и претходно во Ирак.
Командантот на 1.пбр, бригаден генерал Бесник Емини, истакна дека Армијата е столб кој зрачи безбедност, сигурност и стабилност на граѓаните, порачувајќи им на припадниците на бригадата да бидат стрпливи, издржливи и господари на својата професија, правејќи се што е потребно за да се биде во висина на задачите.
Осврнувајќи се на задачите и активностите кои и претстојат на бригадата, командантот истакна дека дадената доверба од военото раководство токму првата бригада да биде носител на декларираните состави кои ќе се оценуваат ќе биде оправдана во целост и ќе биде симболот преку кој ќе се препознае нашата одбранбена сила во НАТО.
На свеченоста, покрај министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на Генералштабот на Армијата генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски присуствуваа и заменик на министерот за одбрана Башким Хасани, заменик на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески, командантот на Командата за операции, генерал-мајор Павле Арсоски, генералите на Армијата, претставници од кабинетот на претседателот, МО и команданти на командите и единиците.
По повод денот на единицата се доделија стимулативни мерки за постигнатите резултати на припадниците на Првата пешадиска бригада.
Првата пешадиска бригада е главна борбена сила на Армијата на Република Северна Македонија која обезбедува готови сили за заштита и поддршка на националните интереси и дава поддршка на цивилното население при природни катастрофи, епидемии и други непогоди, а надвор од територијата на Републиката со декларираните единици учествува во операциите за поддршка на мирот, со што ги исполнува меѓународните воени обврски.
Во составот на оваа најголема единица во Армијата, се наоѓаат припадници од повеќе родови и служби, а истата е препознатлива по досегашните стекнати борбени искуства и учеството во мировните операции, големиот број на вежбовни активности, високите резултати од НАТО оценувањата на декларираните единици од нејзиниот состав, справувањето со предизвиците од мигрантската криза и асистенција на институциите во справување со пандемијата предизвикана од „Ковид 19“, но и несебичната помош која припадниците на оваа единица ја даваат на граѓаните на Република Северна Македонија, секогаш кога за тоа имало потреба.
Во состав на бригадата се наоѓа и најголемиот деклариран состав, лесниот пешадиски баталјон кој веќе се подготвува за вежбата „Одлучен удар 21“ како и за претстојното оценување следната година. Припадниците на бригадата се главните носители на обезбедувањето на дел од јужната и северната граница во справување со мигрантската криза каде се наоѓаат од самиот почеток пред 5 години.
Со одлука на Врховниот командант за определување на денови на единиците на Армијата на Република Северна Македонија, за Ден на 1.пбр е одреден 2 април, како датум на кој оваа единица е трансформирана и ги презеде задачите и одговорностите на двете поранешни бригади, со што стана најголемата борбена единица во Армијата.