Со воена свеченост, пред ешалони од вториот пешадиски баталјон и изведба на вежби на подготвеност од припадници на ренџерскиот баталјон и баталјонот на специјални сили, во присуство на државниот врв и дипломатски претставници, денес во касарната „Илинден“ се одбележа третата годишнина од членството во НАТО.
На воената свеченост пред присутните состави и гости со свои говори се обратија претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.
Генералот Ѓурчиновски кој прв имаше обраќање во својот говор истакна дека со нашиот пристап и исполнување на сите задачи во воениот дел, покажавме дека сме сигурен и одговорен партнер, кој стандардите во обуката и интероперабилноста ги оствари многу порано од нашето полноправно членство, а кое го потврдуваме и во изминатите три години.
Тој посочи дека најбрзата воена интеграција во НАТО која ја постигнавме за 19 месеци од нашето полноправно членство е резултат на континуираната одлучност, тридецениска напорна работа и посветеност, трудот кој го имаат вложено сите генерации наши припадници кои посветено следејќи ги препораките на Алијансата, ги применуваа стекнатите искуства и научени лекции од меѓународните операции и воени вежби за достигнување на потребните НАТО стандарди.
„Успехот кој Армијата го достигна низ целиот овој период се огледа во она кое сега го имаме, а тоа се мобилни, професионални и ефикасни сили, способни да ја заштитат безбедноста на нашата земја и одговорат на сите современи закани и предизвици“. кажа генералот Ѓурчиновски.
Обраќајќи се до присутните припадници на Армијата тој им порача: „Бидете горди за достигнувањата. Нашата мисија е јасна и прецизно определена. Имаме долг кон претходниците, но и обврска кон идните генерации, одлучно и посветено да продолжиме да го подобруваме континуирано високиот рејтинг кој го имаме во општеството“.
Министерката за одбрана Славјанка Петровска во своето обраќање посочи: „Единство и одлучност за мир, за безбедност. Тоа е пораката под која денеска, сите заедно обединети ќе ја одбележиме годишнината од полноправното членство на Северна Македонија во НАТО – Алијансата – нашата стратешка надворешно-политичка цел цели три децении. Ќе го одбележиме и Денот на НАТО, зошто од 2020-тата година тој ден е и наш ден“.
„Денеска гордо велиме Ние сме НАТО, зашто знаевме да бидеме храбри, знаевме како нација да донесеме вистински одлуки, кои од оваа перспектива, биле навистина донесени во вистинско време“. Во продолжение, министерката Петровска се осврна на воената брутална инвазијата која Русија ја врши врз Украина, и истакна: „Од првиот момент Северна Македонија беше јасна. Одлучно и цврсто стоиме на ставот – НЕ за војна, НЕ за страдања, НЕ за невини жртви.
Донесовме одлуки за помош и поддршка на суверена земја која прави сè за да се одбрани од надворешна агресија, и тоа го направивме со разум и со цел да му помогнеме на народот кој сака само да биде свој на своето, да го заштити сопствениот суверенитет на кој има полно право“.
Министерката Петровска говореше и за придонесот кон Армијата: „Ако погледнеме на нашата работа дома, нашата цел не беше да ја внесеме само Армијата во НАТО, туку и НАТО во Армијата – со опремата која секојдневно се менува, со процедурите и процесите кои се развиваат, со кадарот кој се усовршува, со условите за работа и стандардот кој го има секој професионален војник, секој армиски подофицер и офицер. Претседателот на Владата Димитар Ковачевски во својот говор истакна ,НАТО заштитува, обединува и зацврстува. „Пред се, да се биде НАТО е силна гаранција на нашата територија и безбедност, од страна на најуспешната воено-политичка Алијанса во историјата на човековата цивилизација. Печат на нашиот територијален интегритет и суверенитет“.
Во своето обраќање, премиерот Димитар Ковачевски истакна: „Горд сум што можам денеска исправено пред вас да се обратам како Премиер на земја која пред три години, токму на денешниот ден – 27 март, оствари една од нејзините стратешки цели – станавме членка на најмоќниот воено-политички сојуз – НАТО алијансата“.
Премиерот Ковачевски се осврна на значењето на НАТО за Северна Македонија но и за регионалното и глобално значење на Алијансата: „Да се биде НАТО, значи да се дели масата за одлучување со најразвиените земји во светот, да се носат одлуките за светската безбедност заедно со најмоќните.
Да се чува нашиот и светскиот мир како дел од воено супериорна, политички силна и релевантна и економски доминантна организација. Мир и развој за безмалку една милијарда луѓе, кои живеат во заеднички демократски вредности.
Поразлична перспектива на тоа колку е важна безбедноста и стабилноста ни даде бруталната неиспровоцирана воена инвазија која Русија ја врши врз Украина. Војна за каква мислевме дека европското тло нема повеќе да види.
Оваа војна, со сите свои елементи ја втурна Европа во нова безбедносна, но и енергетска и економска криза, за чие справување, солидарноста и обединетоста на НАТО беа и се уште се клучни. И токму во таа обединетост може да види визијата на сојузништвото, и зошто од оваа криза повторно ќе излеземе посилни, посплотени“.
По завршување на официјалниот дел, со приказ на воените вештини и обученост од страна на армиските состави на нашите специјални сили го покажаа достигнатото ниво на обученост и интероперабилност со НАТО сојузниците, додека со прелет на воени авиони од алијансата како дел од воздухопловното патролирање се покажа единството во Алијансата за безбедност и чување на границите и воздушниот простор.
На овој ден, пред три години со чинот на депонирање на Северноатлантскиот договор во Стејт Департментот во Вашингтон, станавме 30та полноправна земја членка на најмоќниот воено политички сојуз на денешнината.
Армијата на Република Северна Македонија и ние-нејзините припадници заедно со сите граѓани на Републиката со причина го чувствуваме одбележувањето на овој настан и како наша историска победа во која повеќе генерации наши припадници речиси 30 години неуморно го даваа својот влог преку својата професионалност и пожртвуваност во извршување на дадените задачи.