Делегација на АРМ предводена од началникот на ГШ на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески, по повод 11 Октомври – Денот на востанието, утре во 11.30 часот ќе положи венец со свежо цвеќе на споменикот на Методија Андонов – Ченто во Прилеп. Во рамките на одбележувањето на 11 Октомври утре во центарот на Прилеп од 10.30 до 16.00 часот, ќе биде поставена изложба на борбени средства, техника и опрема на АРМ.
Тактичко-техничкиот збор ќе можат да го посетат граѓаните на Прилеп и Република Македонија, каде покрај материјално-техничките средства и борбените возила и вооружувањето на АРМ, ќе бидат прикажани и службени кучиња, како и боречки вештини и вежби со спуштање по јаже од страна на припадниците на полкот за специјални операции на АРМ.
Во чест на празникот, утре во Скопје делегации на ГШ на АРМ ќе положат венци со свежо цвеќе на партизанските гробишта, на гробот на загинатиот претседател Борис Трајковски, поранешниот претседател Киро Клигоров, на гробот на генерал Михаило Апостолски, на споменикот на Методија Андонов – Ченто и на споменикот на хероите.
Во текот на неделава, по повод 11 Октомври – Денот на востанието, во гарнизоните на АРМ беше организирана акција за доброволно дарување на крв, на која крв даруваа 150 припадници на АРМ. Се покануваат новинари, сниматели и фоторепортери да присуствуваат и да известуваат за изложбата на вооружувањето и воената опрема во центарот на Прилеп, а граѓаните на заедничко дружење со припадниците на АРМ.