На Воениот стадион во Градскиот парк во Скопје денеска, со постројување на екипите од командите и единиците на Армијата, свечено започна одбележувањето на 18 Февруари – Денот на меѓународните воени спортови. Под мотото „Пријателство преку спорт“, припадниците на Армијата традиционално, по дваесет и први пат, се вклучија во одбележувањето на овој ден, натпреварувајќи се во повеќе спортски дисциплини: трчање, фудбал, кошарка, одбојка и пинг-понг.
На отворањето присуствуваа заменикот на началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Азим Нуредин, државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска–Ристова, деканот на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, г. Влатко Неделковски и продеканот на Воена академија, г-ѓа Билјана Каровска Андоновска.
На свеченото отворање се обрати заменикот на началникот на Генералштабот, генерал-мајор Азим Нуредин, кој истакна дека спортот во Армијата претставува значаен сегмент од обуката, но и важна алатка за промовирање на пријателството, другарството и зближувањето на народите преку учество на меѓународни натпревари и спортски активности. Со пораката „Спортот нека ве зближува, а во натпреварите нека победат најдобрите“, тој го прогласи Денот на Меѓународните воени спортови за отворен.
Државниот секретар во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска–Ристова, на денешното свечено отворање пред присутните учесници, истакна дека спортот е уште еден начин преку кој се гради карактерот и тимскиот дух, кои се од особено значење при извршувањето на мисиите и задачите во служба на народот и државата.„Покажете ги своите способности на теренот во име на пријателството и единството меѓу сите вас“, рече Чуповска – Ристова.
Во рамки на денешниот настан, за постигнатите резултати во спортот, на капетан Тамара Ѓоргиевска ѝ беше врачен пехар за најдобар спортист во Армијата за 2025 година. Дополнително, беа доделени благодарници и на останатите чинители кои даваат поддршка за организирање и реализација на оваа активност.
Меѓународниот совет за воени спортови е формиран на 18 февруари 1948 година, а Армијата е полноправна членка од 2005 година. Преку учеството во неговите програми и натпревари, Армијата активно придонесува кон зајакнување на меѓуармиската соработка, продлабочување на пријателствата и промовирање на мирот во регионот и пошироко.








