На караулата „Рамна Нива“ во присуство на врховниот командант на вооружените сили Н.Е Ѓорге Иванов и НГШ на АРМ генерал-потполковник Методија Величковски, со воена свеченост се одбележаа 25 години од подигнувањето на знамето на Република Македонија на државната граница, кој воедно е ден на Командата за резервни сили (КРС) на АРМ.
Во годината кога се одбележуваат 25 години од формирањето на АРМ овој настан се одбележа со особена почит, како еден од темелите на создавањето на Армијата на Република Македонија со кој беше означено и преземањето и контролата на државната граница.
Со свечениот чин на кревање на државното знаме на Република Македонија на јарболот на некогашната караула „Рамна Нива“ од страна на учесниците на настанот од 11. март 1992 година, кои тогаш беа припадници на резервниот состав на тогашната територијална одбрана, на симболичен начин се одбележа овој значаен настан од историјата на АРМ и Република Македонија.
Во своето обраќање претседателот Иванов го нагласи значењето на овој настан за Република Македонија и истакна дека и денес како и пред четврт век ја имаме Армијата на Република Македонија која е заштитник од заканите, гордост на граѓаните и надеж за мир во земјата.
Во своите говори, командантот на ЗОК, бригаден генерал Зоран Милески и командантот на КРС полковник Киро Калков исто така се осврнаа на историската улога и значењето на овој настан за почетоците и понатамошниот развој на АРМ.
На воената свеченост која воедно е одбележување на денот на КРС, покрај претседателот Иванов и генералот Величковски присуствуваа генерали на АРМ, командата на КРС, претставници од МВР, локалната самоуправа, организација на резервни воени старешини и многу други гости.
По повод денот на единицата беа доделени стимулативни мерки за припадници од единицата за остварени резултати во работата и беа прочитани честитки за Денот на единицата по што следуваше и кратка културно уметничка програма.
На 11-ти март 1992 година, припадниците на резервниот состав од тогашната територијална одбрана од Крива Паланка поделени во три единици ги презедоа од некогашната ЈНА караулите „Рамна нива“, Деве Баир и „Коприва“. Тогаш за првпат во караулата „Рамна нива“ се развиори македонското знаме кое го подигна Драги Митовски, војник на Територијалната одбрана, а караулата ја прими и командуваше на македонски јазик постариот водник Сонко Ангеловски.
Со одлука на претседателот на Република Македонија и Врховен командант на вооружените сили Н.Е Ѓорге Иванов, 11-ти март е одреден за Ден на командата на резервни сили на АРМ, како датум врз кој заедно со други важни датуми од историјата се темелат традициите на Армијата на Република Македонија.