Како дел од планирачкиот процес за претстојната меѓународна вежба „Swift Response 2022“ која ќе се реализира во Република Северна Македонија од средината на април до крајот на мај 2022 година, во изминатите неколку дена се одржа планирачка конференција за воздушни операции за оваа вежба која ќе се реализира во рамки на кампањата на вежби „DEFENDER EUROPE 22“,
По воведниот и поздравниот збор од страна на организаторот на конференцијата од командата на вооружените сили на САД за Европа (USAREUR-AF), беше истакнато значењето на вежбата со оглед на бројот на учесници од повеќе земји. Воедно на почетокот на конференцијата беа расподелени обврските и одговорностите на единиците, носители на вежбата, со цел насочување на персоналот за исполнување на доделените задачи.
Целта на конференцијата претставува синхронизација и координација на воздухопловните единици одговорни за спроведување на стратегискиот транспорт и тактиките, техниките и процедурите на тактичко рамниште за време на реализација на вежбата. Воедно се дефинираше и верификуваше типот на воздухоплови и државите кои треба да се обезбедат. За време на конференцијата паралелно се развиваше и концептот на операции за сите планирани воздушни десанти во Република Северна Македонија, Кралството Норвешка, Република Естонија, Република Литванија и Грузија.
Фокусот на падобранските десанти е даден на Република Северна Македонија, со учество на повеќе од 4000 војници од армиите на повеќе НАТО земји (САД, Обединето Кралство, Република Франција, Република Италија, Црна Гора, Република Албанија и Република Северна Македонија).
На конференцијата учествуваа претставници од 11 држави и тоа Чешката Република, Сојузна Република Германија, Република Италија, Република Летонија, Литванската Република, Кралството Холандија, Кралството Норвешка, Република Полска, Обединетото Кралство, САД и Република Северна Македонија со повеќе од 90 учесници.
Претстојната вежба „Swift Response 2022“ ќе биде досега најголема меѓународна вежба во Република Северна Македонија и единствена од осамостојувањето на државата, во која ќе се реализираат воздушни десанти од ваков обем (со учество на повеќе од 1000 падобранци). Активностите на вежбата ќе се изведуваат во касарната „Страшо Пинџур“ – Петровец, АП „Криволак“ и KO „Пепелиште“.