Денес, 17-ти октомври (четврток), во рамките на воената вежба ,,Македонски Блесок-9” на Армискиот полигон (АП) ,,Криволак“ за Денот за високи гости се изведе тактичка вежба со бојно гаѓање ,,Засилена средна пешадиска баталјонска група (СПБГ) во напад“. На Денот за високи гости присуствуваа: Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили д-р Ѓорге Иванов, Министерот за одбрана Талат Џафери, Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески, Заменикот на министерот за одбрана Емил Димитриев, Командантот на Здружената оперативна команда на АРМ генерал-мајор Методија Величковски, пратеници од Собранието на Република Македонија, претставници на Владата на Република Македонија, воените аташеи акредитирани во Република Македонија, претставници на Канцеларијата за врски на НАТО, градоначалникот на општина Штип и други високи гости.
Тактичката вежба со бојно гаѓање беше изведена со декларираните единици кои се дел од СПБГ, како и други родовски единици и единици за логистичка и борбено-сервисна поддршка. Учесниците на вежбата, на АП ,,Криволак“ покрај практичната примена на тактиките и процедурите за изведување на офанзивни борбени дејства, демонстрираат врвна обученост во извршување на различни гаѓања од пешадиско и артилериско вооружување, како и ефикасна блиската воздушна поддршка на СПБГ.
По вежбата, Претседателот Иванов им оддаде признание на учесниците на вежбата за покажаните резултати, при што истакна дека Армијата може да извршува најкомплексни офанзивни и борбени дејства кои се во согласност со сите НАТО стандарди, потенцирајќи дека со покажаното на ,,Македонски Блесок-9“, АРМ го има она што го бара НАТО и дека е само прашање на моментот кога таа ќе биде дел од Алијансата.
Министерот Џафери рече дека според подготвеноста и извежбаноста кои декларираните единици ги покажаа на денешната вежба, уште еднаш се потврдува дека Министерството за одбрана и АРМ се подготвени да ги преземат целосно сите обврски кои произлегуваат од подготовките за полноправно членство во НАТО.
Началникот на ГШ на АРМ генерал-потполковник Горанчо Котески нагласи дека денес беше изведена најголемата и најкомплексна вежба на АРМ од нејзиното формирање, заради учеството на сите родови и видови во Армијата, при тоа оценувајќи ја вежбата со многу висока оценка, заради што истакна дека е горд како началник на ГШ на АРМ со она што го покажаа припадниците на АРМ пред политичкото раководство на државата, но и пред воено-дипломатскиот кор.
Утре е последниот ден на ,,Македонски Блесок-9” кога е предвидено да биде првично и неофицијално соопштена оценката од спроведеното оценување (самооценување ниво 2) за СПБГ и (НАТО 1) за Лесната маневарска болница.